На Државната кардиохирургија завчера е извршена првата минимална инвазивна интервенција на итен пациент во животнозагрозувачка состојба. Операцијата ја изведе хирургот Омер Џемали од „Триемли хоспитал“ од Цирих заедно со докторите од Државната кардиохирургија, а пациентот се чувствува добро и наскоро ќе биде преместен во обична соба.
Ова го истакна министерот за здравство Никола Тодоров при денешната посета на Државната кардиохирургија во Скопје.
„Со отпочнувањето на минимално инвазивни кардиохируршки интервенции на итни пациенти отидовме уште еден чекор понапред во типот на услуги кои се даваат на Државната кардиохирургија и интервенциите што тука се изведуваат. Во Цирих минимално инвазивните интервенции се рутина кај елективни пациенти, но кај итни пациенти и таму имаат определни протоколи кои ги следат во такви случаи“, изјави Тодоров.
Тој посочи дека на Државната кардиохирургија постојано се зголемува бројот на пациенти кои се третирани и досега, како што нагласи, оперирани се 95 пациенти.
Доктор Џемаили истакна дека станува збор за интервенција кај млад пациент кој бил донесен од Државната кардиологија со запаление на залистоците на аортната валула.
„Овие пациенти се третираат скоро секаде со тоатално отворање на градниот кош, а ние го опериравме со мал рез до пет сантиметри и само парцијално отворање на градниот кош што му овозможува побрзо да закрепне и да се врати на нормалниот живот“, рече Џемаили.
Тој прецизира дека со малите резови се постигнува пациентот пократко да престојува во болница и побрзо да се врати дома.
„Пациентот е веќе буден, стана и ги направи првите чекори и можеби утре ќе биде сместен во нормална болничка соба“, рече Џемаили.
Доктор Сашко Јовев нагласи дека Државната кардиохирургија се повеќе се модернизира и ги прифаќа европските протоколи на работа.
„Швајцарскиот концепт за минимално инвазивна хирургија и за хирургија без машина за екстракорпорна циркулација, односно вештачко срце и плуќа, што е секојдневие во Швајцарската клиника го прифаќаме и полека ги имплементираме сите протоколи. Продолжуваме и со нашите операции кои засега одлично одат и се надеваме на се поголем успех“, рече Јовев.
Тој истакна дека моментно на Државната кардиохирургија се хоспитализирани седум пациенти од кои во последните три дена покрај итниот се оперирани уште шест и додаде дека сите оперирани од претходната недела се пуштени дома. Од новооперираните половината, како што рече, утре ќе бидат пуштени дома, а останатите кои се на интензивна нега, за неколку дена. За следната недела, додаде, во план за операција се два до три пациенти.