Иванов се сретна со директорот на Институтот Егмонт од Белгија

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во вилата „Билјана“ во Охрид се сретна со амбасадорот Марк Оте, кој е директор на Кралскиот институт за меѓународни односи на Кралството Белгија ЕГМОНТ, еден од најпрестижните институти од овој тип во Европа, пренесе МИА.

Амбасадорот Оте е еден од предавачите на 6. Школа за млади лидери, што се одржува на иницијатива на претседателот Иванов, а која свечено ќе биде отворена утре.

На средбата, како што информира Кабинетот на претседателот Иванов, разменети се мислења за актуелните геополитички случувања и евроинтегративните процеси на Македонија.

Претседателот Иванов ја поздравил соработката меѓу Кралскиот институт од Белгија и Школата за млади лидери, а разменети се мислења и околу можноста за проширување на соработката помеѓу ЕГМОНТ институтот и други образовни и научни институции во Република Македонија.

Марк Оте искажал задоволство што дел од своето искуство во дипломатијата ќе може да им го пренесе на учесниците на шестата Школа за млади лидери и предложи нови можности за соработка на кои ќе се работи во следниот период.

Извор: Нет Прес