Изложбата „Некласични мозаици“ вечерва на „Охридско лето“

„Некласични мозаици“ е насловот на изложбата на Ленче Војнеска што ќе биде отворена вечерва во 19 часот на малиот плоштад во Охрид, во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Со квалификации на дипломиран инженер-технолог, од мали нозе понесена од љубовта кон уметноста, охрабрена и мотивирана од добиените награди во текот на своето школување, посебно од добиената благодарница од страна на Комитетот на хелсиншкиот парламент на граѓаните на Македонија и со голем интерес за органската хемија и технологија и нивната меѓусебна поврзаност, успева да ги обедини својот талент и својата професија, изработувајќи слики. Уметничките дела се жива подвижност на свеста. Со почеток во точно определена состојба и во точно определено време, предадени во реалноста помеѓу прстот и умот. Потоа живата подвижност на делата не ја лови само сликата на дофатениот момент на инспираторот и токму таму, таму меѓу родилното семе, ’ркулецот, фиданката, родилното стебло и плодот го затекнува нашето сведочење во живата подвижност во делата на Ленче Војнеска.

Делата на Ленче Војнеска не го носат во себе само печатот на традицијата, таа е сублимирана во обичната суштина на зрното, на ’ркулецот, на стеблото, на гранките и на плодовите. Неслучајно инспиративниот дар на Војнеска ни ја доловува димензијата на историското, на националното. Тоа не се само слики фатени во треморен грч, туку се живи шепотења, кои носат громовит звук од фалангата, звуци на вкрстени оружја, помеѓу животот и смртта, од царевите и престолите, од борците и хероите, од полето, од мирисот на домот, до мирисот на душата на татковината, до седнатата везилка на прозорецот која го чека Тој што треба да го дарува, меѓу стотици поети, останува на својот и своето. Таму каде што сонцето најубаво заоѓа, таму семето не се доискоренува.