Стружанец украл печат од болница и давал лажни потврди за боледување

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „посебни случаи на фалсификување исправи“ и „одземање или уништување на службен печат или спис“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Б.И. (48) од струшкото село Долна Белица.

Пријавениот, во текот на август оваа година, изработил лажна исправа-потврда од ЈЗУ Општа Болница Струга и неовластено го употребил вистинскиот печат на болницата и на докторот по општа медицина, вработен во болницата.

Откако претходно, печатите противправно ги одзел од ЈЗУ Општа болница Струга, пријавениот, на лицето Л.К. (32) од струшкото село Биџево, му изготвил потврда во која лажно навел дека докторот од ЈЗУ Општа болница Струга му препишал терапија која ја примал во периодот од 24 јули до 07 август 2015 година.

Дополнително навел дека, ЈЗУ Општа Болница Струга, потврдата му ја издава да му послужи како доказ пред надлежните органи во Швајцарија каде Л.К. бил привремено вработен со цел да добие отсуство од работа. За оваа услуга, пријавениот Б.И. побарал и добил 6000,00 денари.

На 10-ти август годинава, при извршен претрес на домот на сега пријавениот, пронајдени и одземени се два службени печати, првиот со име на докторот по општа медицина, а вториот е округли печат на ЈЗУ Општа Болница Струга. Истите се предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.