Под покровителство на Министерството за култура вчера во Вевчани започна петтиот по ред Фестивал на народна култура „Пображење“. На отворањето на фестивалот пред присутните се обрати заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, кој истакна дека како на ниту едно друго место во Македонија, традицијата не се чува како семејна вредност како во Вевчани.
„Македонските народни ора кои ќе бидат презентирани во рамките на фестивалот имаат важно место во македонскиот фолклор и во музичка традиција. Токму ова нематеријално културно наследство како духовно богатство на македонскиот народ, пренесувано од генерација на генерација, сведочи за неговото опстојување и за неговата култура“, истакна Недељковиќ.
Во рамките на трите фестивалски денови ќе настапат 15 фолклорни групи со над 400 уметници од земјава, кои ќе ги презентираат фолклорот, традицијата и обичаите од својот регион. Вториот фестивалски ден ќе биде посветен на големиот јубилеј „70 години УНЕСКО“, во чии рамки ќе биде изведено машкото „Копачка“ од село Драмче, Делчево, прогласено за светско клтурно наследство заштитено од УНЕСКО. Фестивалот „Пображење“ ќе заврши со етно вечер на која ќе настапи Ансамблот на народни инструменти и песни „Стевче Стојковски“ заедно со пејачката група „Меџидија“.