Војнеска: Во светот се фрла огромно количество храна, а може да се искористи многу покорисно

Фестивалот „Охридско лето“ синоќа ја организира втората самостојна изложба на охриѓанката Ленче Војнеска, на која беа поместени 26 некласични мозаици изработени од природни материјали. Според авторката, природните материјали и храната кои многу често се фрлаат како одвишок можат да се искористат во уметнички цели и дела кои остануваат трајни сведоштва. Во зависност од самата инспирација и темата на сликите, вели Војнеска, времето на изработка на едно вакво дело е неограничено.

„Може да биде потребна една седмица, но изработката може да трае и шест месеци.Техниката е органска хемија со природни материјали со бои добиени од самите природни материјали. Целта ми е да покажам дека во светот се фрла огромно количество храна, а може да се искористи на многу поинаков начин и покорисно. Се трудам барем мал дел од сето тоа да го прикажам преку некласичните мозаици и релјефи од самите природни материјали преработувајќи ги и нанесувајќи ги на самото сликарско платно“, објаснува Војнеска. Инспирацијата, како што додава, ја црпи од ова поднебје, од нашата земја, но не само од сегашното време, туку и од дамина.

„Инспирацијата ја црпам од Александар Македонски, Цар Самоил, преку турското царство, НОБ, христијанството, се до денешно време, вклучувајќи ги тука лебедите, проскурникот кој го симбилизира токму христијанството, камата, сонцето како наш симбол и слично,“ вели Војнеска.

Љубовта кон ваквиот вид уметност кај неа се развива уште од мали нозе.

„Како дете, инспирирана од самиот наш град, почнувајќи од стариот дел, од каменот, од градбите, од архитектурата, од езерското синило, се повеќе растеше љубовта“, вели Војнеска.

Делата на Ленче Војнеска не го носат во себе само печатот на традицијата, таа е сублимирана во обичната суштина на зрното, на ’ркулецот, на стеблото, на гранките и на плодовите.