Јубилејното 55-то Охридско лето измина во знакот на беспрекорна реализација, полни гледалишта, позитивни критики и задоволните уметници. Ова е оценката по завршната прес конференција на која раководството и селекторите дадоа анализа на изминатите фестивалски денови.
„Во овие 40 фестивалски денови се случи едно неповторливо доживување со големи музички звезди, врвни театарски претстави, премиери, гости од целиот свет, распродадени концерти после само два дена од нивното најавување. Тоа зборува дека работата сме ја завршиле беспрекорно“, вели Елизабета Јанкуловска директор на Н.У Охридско лето.
„Имавме полни гледалишта и на музичките и на драмските настани кои поминаа на фестивалската сцена. За сите се бараше место повеќе. Околу 25.000 илјади посетители, гости од Србија, Хрватска, Грција, Чешка, Албанија, Франција дојдоа специјално да ги проследат 29 музички концерти, 13 драмски претстави и 10 настани од дополнителна програма. Изненадува тоа што годинава имавме публика од сите возрасти, на гледалиштата често имавме и организирани туристички групи, и секако, и ова јубилејно издание со нас беше и нашата верна публика“, изјави на завршната прес-конференција директорката на Охридско лето, Јанкуловска.
Од успешноста на изборот на програмата, зависи и реномето на фестивалот, кое според домашната, но и странска стручна критика, последниве години оди во нагорна линија, а според многумина ова 55-то издание е едно од поуспешните во фестивалската историја.
Селекторот на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова- Неделковска оценува дека според годинешнава програма, фестивалот Охридско лето покажа дека бил и секогаш ќе остане непроменлив во однос на задржувањето на квалитетот.
„Според стручната домашна, но и меѓународната критика и според општото мислење и оваа година реализиравме врвно фестивалско издание, според многумина круна на досегашните случувања што всушност беше наша главна задача да го дадеме најдоброто за ова јубилејно 55-то издание. Во ова издание имавме гостувања на голем број светски музички имиња па затоа со право, ова издание го насловивме „Со ѕвездите за ѕвездите“, изјави Јосифова – Неделковска.
Селекторката додава дека 55-тото издание ќе се памети и по тоа што сите патишта од Македонија но и од регионот водеа кон Охрид и фестивалските сцени.
„Доживеавме рекорден број публика во сите 40 фестивалски денови. Горди сме како фестивал затоа што уметниците се едиствени во својот израз дека имаме високо едуцирана, топла и приемчива фестивалска публика. Фестивалот Охридско лето секоја година се повеќе чекори по скалилата на успехот и се повеќе ја зацврстува својата позиција во мапата европски фестивали. Големиот број светски уметници кои беа гости оваа година со големо воодушевување го пренесуваат низ целито свет убавиот глас за фестивалот, а со тоа и за Македонија, или како што велат, во светот на уметноста, Македонија е препознатлива по фестивалот „Охридско лето“, оценува музичкиот селектор на Фестивалот .
Исклучително задоволен од реакцијата за тоа како беше создадена програмата, не само театарската, туку воопшто програмата на 55-тото издание на Охридско лето е и драмскиот селектор Ѓорѓи Јолевски.
-Одгласите беа феноменални, а реакциите и од публиката и од критиката беа дека годинешното издание донесе не само ѕвезди и имиња, туку и многу новитети во третманот на уметноста, во новите естетики, во новите видувања на уметничките дела. Она што го ветивме на почетокот на Охридско лето, го реализиравме. Во драмската програма посебно, вадејќи ги претставите надвор од Центарот за култура, правејќи три силни програми и зголемувајќи го бројот на претставите токму за јубелејното 55-то издание, вели Јолевски. Според него евидентна била новата сила на тетарските продукции во актерските имиња бидејќи плејада млади уметници и млади театарски дејци биле презентирани не само на Охридско лето. Младите“, вели Јолевски, кои полека но сигурно започнаа да го заземаат своето место за 10 -15 години веќе ќе можат на големите сцени да дојдат со својата естетика.
-Трите големи сегменти се, надворешната програма, самата програма за одбележување 100-годишнина од Првата светска војна и 70 од крајот на Втората светска војна со претставите „Неопланта“ и „Фигурае Венерис Хисториае“ и „Нашиот клас“, потоа македонските премиери кои беа реализирани беспрекорно и нивниот импакт кај публиката, и се разбира, новоформираната програма на Младо театарско Охридско лето направија една целина која се вклопи во целокупниот тетараски репертоар на 55-тото издание, изјави на прес-конференцијата Јолевски.
Од Охридско лето додаваат дека водени од тимска работа со подмладен кадар од годинава функционираат од модерни простории со најсовремени итернет поврзувања.
„Продолживме со пренос на настани во живо преку интернет, односно на веб страната на Охридско лето. Имаме и мобилна апликација, ја освеживме и архивата која за нас верувајте е најдрагоцена. Останува уште нејзина дигитализација но тоа ќе го направиме во најскоро време. Охридско лето мора да оди напред пратејќи ги светските трендови“, вели директорката Јанкуловска.
Изминативе четири години Охридско лето ја прошири програмата на нови сцени а на постоечките создаде поголеми услови за уметниците.
Пред две години се постави монтажен коров на сцените на Антички и Долни сарај а од годинава Античкиот театар има и нов под според сите светски прописи за оддржување на најголеми културни настани. За посетителите повторно се обезбедени перничиња за седење и кабаници за дожд. Годинава во рамките на Фестивалот а преку проектот „Охридско лето ви препорачува“ врвните уметници и членови на реномирани театарски куќи имаа прилика да се запознаат со туристичката понуда на градот. Последниве години во реализацијата и поддршката на фестивалот вклучена е и Локалната што во голема мера ја олеснува работата.Направени биле и неколку меѓународни поврзувања со кои во иднина ќе се реализираат заеднички проекти и копродукции.
„Во мигот кога изминува ова јубилејно издание дозволете да изразам благодарност до нашите верни спонзори, помагатели, пријатели на фестивалот, благодарност до вас медиумите кои секогаш ни ја давате насоката дали сме на вистинскиот пат и секако благодарност до Министерството за култура без чија поддршка не може да се замисли успешната реализација на фестивалот. Благодарност и до општината и до амбасадите кои по традиција помагаат да се реализираат вечерите на Охридско лето. Ветуваме дека следните изданија ќе бидат уште поблескави а патот на овие успешни 55 години ги спакувавме во документарен филм кој наскоро ќе го презентираме пред јавноста“ вели Јанкуловска.