Промовирана монографијата „50 години ОМУ Методи Патче“

Во просториите на ОМУ „Методи Патче“ денес беше промовирана монографијата „ 50 години ОМУ Методи Патче“ – Охрид од авторите Нина Момировска и Милчо Јованоски.

Промотор на монографијата беше Радмила Поповска, професорка по флејта. Поповска е една од многуте кои својата кариера ја започнале токму од ова училиште.

„Авторите Нина Момировска и Милчо Јованоски се гледа дека темелно и со многу смисла и изградена концепција влегле во изработката на оваа Монографија. Од секој текст во неа извира емоција и љубов кој особено ќе ги преплави оние кои така бескрајно и чисто од срце заедно „дишеле“ со училиштето, децата и колегите.“ – рече Поповска.

Авторот Милчо Јованоски како новинар и публицист  над три децении го следи развојот на Музичкото училиште.

„Ова беше ново враќање во минатото со јасен поглед во иднината, дека оваа образовна институција има цврсти темели вградени во умешноста и духот на сите нејзини вработени од првиот директор Наум Гаврилоски, па сите по него и денес до м-р Момировска која со низа успеси ја прошири славата на охридското училиште на Балканот и низ Европа“, рече Јованоски.

Директорката на ОМУ „Методи Патче“, Нина Момировска, која е и автор на монографијата, истакна дека се определиле преку слика и збор да ја прераскажат историјата на училиштето, која истовремено е и историја на музичката култура на Охрид.

Создавањето и печатењето на монографијата го чувствувам како мој личен долг и чин за историјата на училиштето во кое јас учев, раководам и работам. Сакав тоа да биде огледало на најважните моменти од неговото постоење и живеење. Се надевам дека таа ќе биде и така прифатена и дека ќе го издржи тестот на времето. Сега кога оваа монографија е пред нас, дишам поспокојно, свесна дека оставаме трага зад нас, во име на оние кои биле пред нас и на оние кои ќе дојдат по нас“, потенцира Момировска.

Промоцијата со свој настап ја збогатија младите ученици од ОМУ „Методи Патче“, Џеврије Туле на пијано и Даниел Мојсоски – виолина.

WebOhrid