Министерот за странски инвестиции, Бил Павлески во Египет ги претстави инвестициските можности што се нудат на странските компании во Македонија. При тоа дел од нив пројавија интерес за инвестирање и најавија посета на Македонија.
Од Кабинетот на министерот информираат дека за време на посетата Павлески оствари средби и бизнис форуми со раководството на позначајните стопански комори во Египет, меѓу кои со Федерацијата на египетски комори и Канадската комора во Египет, Комората од Гиза, Комората од Калиопеја и Комората од Александрија, како и нивните членки.
На средбите тој информираше за економската состојба во Република Македонија и реформите што се спроведуваат во насока на развој на економијата и обезбедување поволна бизнис клима за странските инвеститори. Притоа, тој ја истакна потребата од продлабочување на соработката на ниво на стопански комори од двете земји, размена на искуства и заемни посети.
Покрај средбите со претставниците на коморите и нивните членки министерот Павлески оствари средби и со истакнатите личности од сферата на бизнисот во Египет и арапскиот свет.
Во соопштението се наведува дека меѓу позначајните беше остварена средба со извршниот директор на Orascom Construction, дел од групацијата Orascom, потоа средба со сопственикот и извршен директор на Oriental Wavers, најголема компанија во светот за машинско производство на теписи со преку 17.000 вработени и 10 фабрики во САД, Египет и Кина, потоа средба со извршниот директор на Dal al Mimar, една од компаниите која бележи најбрз раст во секторот градежништво во делот на резиденцијални и туристички комплекси, како и средба со сопственикот и извршен директор на компанијата Polyserve, една од најголемите компании во областа на производството на вештачки ѓубрива и хемикалии во Египет.
Во рамки на посетата, министерот Павлески имаше работни средби со министерот за инвестиции Ашраф Салман, министерот за трговија и индустрија, Мунир Фахри Абдел Хур, министерот за финансии, Хани Кадри Демиан, министерот за земјоделство Салех Хелал и министерот за туризам.
На средбите беа разменети мислења и конкретни предлози за продлабочување на односите и подигнување на соработката на повисоко ниво, со цел унапредување и продлабочување на економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите, трговијата, земјоделството и туризмот.