Од септември нови 500 млади спортски надежи ќе добијат стипендија преку владиниот проект за стипендирање талентирани млади спортисти, најави премиерот Никола Груевски.
Со тоа, нагласи премиерот, и следната сезона за периодот септември – јуни продолжува овој проект кој Владата го реализира во соработка со спортските федерации. Соработката се одвива на начин што секоја федерација има одредена бројка што ја предлага до државата за најталентирани спортисти во нивниот спорт што треба да се стипендираат.
„Веќе пет до шест години ние секоја година стипендираме 500 млади споаартски надежи до 20 години. Стипендирањето е во висина од 20 проценти од просечната месечна плата, околу 4.200 денари и се одвива по пат на соработка со федерациите…Досега во овие пет-шест години се инвестирани околу два милиони евра во стипендирање на млади спортски надежи. Значи, освен тоа што тоа вложуваме во инфраструктурата и градиме многу спортски сали, фудбалски терени, градиме сто фудбалски игралишта за мал фудбал, повеќенаменски спортски игралишта, 120 тениски терени, даваме и средства за поддршка, односно за стипендирање на најталентираните 500 млади спортисти во Македонија“, рече Груевски на новинарско прашање по посетата на населеното место Цветово во рамки на средбите со граѓани во општина Студеничани.
Тој очекува до крајот на август да се приберат сите податоци од федерациите и од почетокот на септември да отпочне исплатата на стипендиите на сите 500 спортски надежи коишто ги делегираат федерациите.