Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес беше во посета на Струга. Тој во изјава за медиумите рече:
„На крајот на летната сезона, на пазарен ден, јас, генералниот секретар, членовите на Извршниот одбор, пратеничката група, општинското раководство, членови на Централниот одбор, сме во посета на Струга.
Мултиетничка Струга ја видовме и по чаршијата, ја видовме и по пазарот, ја видовме и овде покрај плажата, насекаде по било кој дел од секојдневието на Струга, можеме да заклучиме дека народот наш живее заедно. Единствено заедно ја гледа иднината на оваа наша земја, ама иднина којашто ќе донесе благодет повеќе, спокој повеќе, надеж, берикет, економски прогрес за сите подеднакво.
Денеска сме овде и ќе поминеме неколку населени места, но ќе ја посетиме и Општина Вевчани, за да можеме да поразговараме со граѓаните и од урбаните средини, и од руралните средини. Целта е во овој значаен период да разговараме за актуелните проблеми на граѓаните. Македонија е пред еден силен тригер којшто отпочна со Вистината за Македонија, но следуваат многу значајни месеци коишто ќе ја дефинираат иднината наша заедничка, по кој пат ќе ја трасираме нашата и иднина заедничка и нашата земја воопшто.
Се надевам дека овој период ќе изградиме одлични концепти и политики коишто ќе бидат доволно вредни, да нашиот народ заеднички ги препознае, даде поддршка и конечно да се случат промените во Македонија. Ние сме убедени во тоа и очекуваме по природен пат да се случи токму тоа, од граѓаните од сите етнички заедници. Струга е одличен пример за соживот, верувам дека овие позитивни сигнали ќе стигнат на сите краишта во Македонија за да така заедно ја градиме нашата иднина.
Дозволете, исто така, да дадам коментар за актуелни прашања коишто се случуваат во нашата земја, пред сѐ, поврзани со разговорите коишто траат на ниво на работни групи, согласно договорот од 2-ри јуни и протоколот од 15-ти јули.
Во моментот се преговара за јавниот обвинител, таканаречениот специјален јавен обвинител, којшто ќе биде надлежен да отвори постапки пред истражни и истражни и да донесе одлуки за сѐ што е поврзано и сѐ што произлегува од прислушувањето. Тоа им го должиме на граѓаните по пат независен, преку независен специјален јавен обвинител, овие постапки да се отворат, да се каже што е точно, што не, и согласно тоа да се покренат процесите.
Ние сме убедени дека решение мора да се најде. Точно е дека не сме до крај на чисто и ние од опозицијата и тие од власта, во делот на решението. Но, апсолутно сме согласни во неговата целосна автономија. Согласни сме дека во договорот стои нов јавен обвинител со целосна автономија којшто ќе биде надлежен за сѐ што произлегува од прислушувањето и сѐ што е поврзано со прислушувањето, на предлог на четирите партии потписнички.
Различноста во концептите постои во делот на тимот околу самиот специјален обвинител. Сеуште сме на позиции дека, согласно постојниот закон за јавно обвинителство, секој јавен обвинител има обвинители во самото Обвинителство, власта тврди дека тоа треба да се реши со стручни служби и стручни соработници.
Апелирам до стручната јавност, еве, да помогне и да даде свои коментари. Постојат стручни соработници во делот на профилот, како што постојат во судовите, или не во Јавното обвинителство. Ние знаеме дека стручните соработници ги има во судовите, покрај стручни соработници коишто значат практична, техничка поддршка, во јавното обвинителство постојат од таков тип, но стручни соработници на ниво како судовите, не постојат.
Верувам дека овие прашања брзо ќе се разрешат. Веќе сме договорени генерално во разговорите околу автономијата на специјалниот обвинител. Договорени сме околу начинот на истражните одделенија, преку селекцијата на инспекторите, нема дилеми и различности околу неговите примања, околу техничката опременост којашто мора да ја има. Остануваат вакви суштински моменти коишто верувам, во деновите коишто се пред нас, ќе бидат разрешени, заради тоа што, дилемата којашто постои во јавноста, дали до 15-ти септември ќе се избере специјалниот обвинител, за нас е апсолвирано прашање. Мора да се избере специјалниот обвинител. Тоа е договорено, гаранторите се овде, и вараќање назад нема.
Од тој аспект, ние на 1-ви се враќаме во Парламентот, сѐ со цел да придонесеме, меѓудругото, да се донесе и законот за специјалниот обвинител, односно измените и дополнувањата на постојниот закон, а и најкасно до 15-ти да се избере обвинителот којшто ќе ги отвори овие постапки.“– изјави Заев.
Одговори на новинарски прашања:
Медиуми: Значи, може ли до исборите да се процесуира некој случај, согласно јавниот обвинител?
Заев: Согласно позитивните законски прописи во Република Македонија. Се знае колкав е рокот за предизвршна постапка, колкав е рокот за истражна постапка, и за донесување на одлуките од страна на секој обвинител, така и на овој обвинител. Секако, до изборите јас очекувам да паднат обвинителни акти, да се донесат одлуки, да се појави и Заев и Груевски на обвинителна клупа. Нема бегање, ние сме подеднакви со сите граѓани. Ако некој се огрешил по законот, има да одговара по законот. Нови амнестии на Македонија не и требаат. Секако, согласно доказите коишто постојат во постапката. Независно јавно обвинителство за коешто се залагаме на чело со специјалниот обвинител, мора да ја истурка оваа работа. Ова е многу важно, заради тоа што, тоа е и првиот чекор во реформите кон независен правосуден систем во Република Македонија.
Медиуми: Големи ли се барањата на Груевски во текот на преговорите?
Заев: Јас можам да кажам дека единствено проблем е очигледното развлекување на процесите. Тие имаа шанса повеќе од девет години да ја водат Македонија и апсолутно знаат и што е устав и што е закон и знаат дека мора да се придвижиме кон договори на секоја од точките којашто ќе води кон демократизација на Македонија. Тоа беше суштината на преговорите, тоа е суштината и на договорот. Имплементацијата на препораките на Европската Унија, согласно извшетајот на Прибе, поглавјата 23 и 24 коишто мора да доведат кон независно правосудство, независни медиуми, да ги демократизираат институциите, се императив. Тоа е најглавната придобивка за Република Македонија. Нус продукт од ова се фер, регуларни и демократски избори. Секако, ние сме убедени дека власта конечно ќе изгуби и ќе замине, за да можеме да ја демократизираме Македонија. Затоа сме отворени комплетно да ги поддржиме сите тенденции и процеси коишто ќе доведат кон севкупно демократизирање на институциите во Македонија.
Гледате, многу често дебатираме и на теми коишто не се така лагодни или во полза на СДСМ.
Но, ако се во функција на граѓаните и државата, ние ќе ги поддржиме затоа што неуморно и безрезервно веруваме дека сега е моментот да ги вратиме во нормала сите институции во Македонија и да ги демократизираме. Затоа што ја изгубивме демократската и нишката на независност на институциите коишто по Устав мора да бидат независни.
Медиуми: Што е со Граѓаните на Македонија, се најави напуштање на таа коалиција?
Заев: Вчера и официјално ги известивме сите граѓански организации за моментот на наше разделување, формално правно, од коалицијата Граѓаните за Македонија. Зошто? Затоа што Граѓаните за Македонија беа создадени од 83 невладини организации и неколку политички партии.
Прво морам да им се заблагодарам на прекрасната соработка во функција на враќањето на слободата и демократијата. Целта на таа коалиција ние ја постигнавме. Чесно е за општеството и за иднината на Македонија да продолжиме да соработуваме, но секој во сегментот каде што е повикан да го даде својот прилог.
Граѓанските организации во секое општество, така и во нашето, мора да има активно независна политичка улога. Ние ќе соработуваме за цели за коишто се стремиме, а тоа се цели во интерес на државата и на граѓаните, но, граѓанскиот сектор, во периодот којшто претстои пред нас, мора да има активна независна улога. Опозицијата еве ја влегува во Парламентот. На 20 ти октомври ќе влеземе изми во власта. Никаде во Европа, никаде во демократскиот свет нема заедно граѓански сектор и политички партии. Ние може да се согласуваме и да соработуваме за одредени теми. Јас сум преблагодарен како прв од опозицијата за надметноста на граѓанскиот сектор и политичките партии да се сплотат кон заедничка цел. Навистина имавме соработка за пример, признаена од цела демократска Европа. Но, секако, соработката ќе продолжи но не во коалиција. Чесно е пред граѓаните на Македонија секој да го тера својот пат, онаму каде што е негова обврска и по Устав и по Закон.
Медиуми: Влеговте ли предизборна кампања и ќе коалицирате ли со Зијадин Села?
Заев: Ние сме далеку од коалициите. Јас можам да ви кажам одредени мои лични размислувања, затоа што органите и телата на политичката партија што ја водам, а и на коалицијата во којашто сме заедно, дополнително ќе ги носи одлуките.
Гледате дека Заев е помеѓу граѓаните, шета, ама не промовира програма. Не одиме со понуда на кандидати, не постојат листи, ние сме далеку од кампања. Нашата цел е да бидеме заедно со народот. Голем дел од граѓаните беа исплашени но Вистината за Македонија ги охрабри и тој тренд мора да продолжи. Затоа сме заедно сите. Кога ќе ги видите, а вашите камери ги фатија граѓаните, како седат во чаршијата во Струга заедно, и Македонците и Албанците, и Македонците со муслиманска вероисповест, сите заедно. Е тоа заедништво ни треба на сите нас. Така сплотени заедно со политичарите, охрабрени, јас верувам дека слободата, демократијата, правдата, економската перспектива, ќе се врати во Македонија.
Овде сме да се видиме со луѓето, да дебатираме, да осознаеме многу локални актуелни проблеми коишто еден дел ќе бидат вградени како решенија во нашите изборни програми, кога ќе почне кампањата, ама еден дел, многу значаен е да бидеме заедно. Само заедно можеме да ја трасираме заедничката иднина на нашата заедничка земја.
Немаме разговарано ништо за можно коалицирање. Јас, со градоначалникот на Струга имам единствено соработка на локално ниво, како градоначалник на Струмица. Знаеме да размениме одредени искуства во решавање на одредени проблеми на граѓаните, со цел да им помогнеме на граѓаните. Политички комуникации нема, но секако дека ние сме отворени за сите коишто се стремат кон нормална земја, кон демократски институции и враќање на перспективите, економски напредок, за сите граѓани на РМ.
Медиуми: Има ли гаранција дека до 15 ти септември ќе биде изгласан Специјалниот јавен обвинител?
Заев: Гаранција нема и не смее опозицијата да каже дека постојат . Ние се изгоревме неколку пати, и од процесите што беа прогласени за тоалет хартија, и од многу други, би ги нарекол, перфидни и нелогични дејствувања од моќната власт којашто девет години владее и се оддалечи од граѓаните и сега им е тешко да се приземјат назад. Но, тука е меѓународната заедница, со своите претставници, коишто беа модератори на ова што го постигнавме и се гарантори. Секогаш се овде да дадат чекор кон исполнување на договорот.
Една работа да биде јасна за сите. Ако има Специјален јавен обвинител на 15-ти септември тогаш сме исполниле едно поглавје од договорот. Но, тоа не значи само исполнување, тоа значи дека Заев и опозицијата ќе има кому да му ги предадат материјалите. Ако нема кому да ги предадеме материјалите „бомбите“ продолжуваат и око нема да ни трепне.
Нашата надеж е дека процесот ќе биде сериозно сватен од сите политички чинители, за да продолжат сите докази, низ специјалниот јавен обвинител, низ Анкетната комисија, низ сите институции на системот. Буквално ова е зависно едно од друго. Не може никој да избега од обврската којашто е превземена со потписот којшто е ставен на тој документ. Таа обврска е на сите потписници на договорот од втори јуни и протоколот од втори јуни. Така да бегање од оваа работа нема, едно со друго си носи свои последици. Вака или онака, слободата, демократијата, правдата, европската иднина на Република Македонија, ќе биде потврдена и верификувана. 24 ти април е многу блиску и тоа граѓаните ќе го осознаат.
Ако Заев не ги предаде материјалите, на 15 ти, кога ќе биде избран јавниот обвинител, тоа е обврска според договорот од втори јуни. Ако нема Специјален јавен обвинител, јас немам намера на Зврлевски да ги дадам овие докази коишто ги поседуваме. Тогаш, кога немате кому, на која институција да ги предадете материјалите останува причината којашто беше присутна и досега, ќе бидат споделени со граѓаните до крај, со се што постои.
Медиуми: Тоа значи и за Монструм?
Заев: Тоа значи се што постојат докази кај нас. Дали се работи за процесот Монструм, за А1 телевизија, или за други процеси, тие ќе бидат споделени. Се надеваме дека низ институциите на системот граѓаните ќе ја осознаат вистината и за Монструм и за А1 и за лустрацијата, за многу други процеси, некои велат за Шпион, некои за Детонатор, за еден куп работи. Се надевам дека ќе помогнат за многу луѓе да добијат правда, но да ја отворат вистината до крај, како што си е редот, низ институциите на системот. Ако тоа не се овозможи преку Специјалниот обвинител, ние си продолжуваме понатаму овие докази да ги споделуваме со граѓаните.
Едно со друго е врзано и се надевам дека процесите ќе се решаваат многу порано од крајните рокови. Ако 15 ти е рокот за Специјалниот јавен обвинител, очекувам барем неколку дена порано тоа да биде обелоденето. Имаме многу обврски, очекувам да се разговара на почетокот на септември и за тоа како да дојдеме до независни медиуми, МРТВ, Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги, Антикорупциска корупција и други независни институции коишто мора да бидат независни а не се.