„Само Вие сте спасот за Македонија“.
Ова што го довикна една жена, проследено со аплауз, беше топло добредојде на претседателот Зоран Заев во струшко. Со него беа генералниот секретар Оливер Спасовски, потпретседателот Александар Кирацовски, претседателката на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, Мила Царовска, пратениците Јован Митрески, Јулијана Силјановска, Васко Ковачевски, општинските раководства на СДСМ од Струга, Вевчани, Враништа, Охрид.
Посетата почна од Струга, по чаршијата.
„Јас Албанец, тој Македонец, еве како е можно братство“– го повика еден граѓанин претседателот Заев, да се поздрават, да ја проба неговата боза, да поразговараат.
„Ова мафијава мора да замине. Ишалах ќе успеете. Само напред, сите сме со тебе“, беа дел од коментарите.
По пат еден човек се пожали дека Одделот за дијализата во Струга е во катастрофална состојба. Човек во количка зборуваше за проблемите што ги имаат граѓаните кои не можат сами да се движат поради непристапната инфраструктура.
„Ние сме пензионери. Ова `се наше е производство. Но децата ни се во Канада“– зборуваа маж и жена за својата мака на струшкиот пазар. Таму гужва, оти пазарен ден, но луѓето вртат по неколку круга, бараат кај има поефтино.
„Ова зло ќе заврши“ – одговара претседателот Заев.
Следните средби беа во Вевчани. Луѓето познати по својата гордост кои живеат во овој убав крај споделија како се чувствуваат сега – ги фрустрира потценувањето од власта.
„Имаме училиште, во центарот, го имаме направено со свои пари. Но зошто имало симбол на срп и чекан, решија да прават ново. Во шумата е новото. Ги мислиме децата. Во околината најдовме траги од шепа на мечка“кажуваат засегнати родители.
Зградата на старото училиште, квалитетна градба, пропаѓа под забот на времето, празна, без ученици, полна со шут. Спроти неа, како што покажаа жителите е новата зграда, седиште на ВМРО-ДПМНЕ, од 40.000 евра.
Во Вевчани претседателот Заев се виде со младите за да им каже како СДСМ и опозицијата планираат да ги запрат иселувањата.
На проблеми со училиштето се пожалија и жителите на Враништа, нема струја, а доаѓа зима, прашање е дали ќе има за греење. Луѓето во ова мултиетничко село живееат во слога, со иста мака, сиромашно.
„Ако не водат грижа за дечињата, зарем да очекуваме грижа за народот“, рече претседателот Заев.
Во обраќањето во село Враништа претседателот Заев порача дека секој чекор во периодот што претстои е многу важен, дека полека се развластува режимот и затоа Груевски шета во нервоза со нереални ветувања.
Жителите стравуваат дека власта може да го купи новиот јавен обвинител.
„Може ќе се обидат да го купат, но тој знае што го чека во тој случај со смената на власта“, одговори претседателот Заев.
„Раководството на СДСМ и опозицијата е решено да ја истера оваа битка до крај, но ни требате вие нашиот народ заедно, рамо до рамо, чесно, исправно да си ја вратиме во нормала земјата“, повика претседателот Зоран Заев во Враништа, струшко.