Општина Охрид: Ние знаеме само за отчетно и транспарентно работење, со користење на факти и аргументи

Во врска со прес-конференцијата на советничката група од СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид во која стои:

„Општинската организација на СДСМ, на денешната прес конференција, конечно и официјално потврди дека мака мачи со интензивната реализација на голем број проекти во Охрид. Со ова СДСМ од Охрид сака да им ги замачка очите на нивното членство, а од друга страна да го оттргне вниманието на граѓаните, кои во овој момент јавно изразуваат задоволство и упатуваат пофалби за проектите што сега се реализираат.

Неможејќи да најдат контра аргументи во нивното политичко спротиставување за интензивното разубавување на градот, денес од СДСМ – Охрид искажаа една небулоза во која истакнаа дека се против разубавувањето на Охрид со изградбата на кејот, а да е апсурдот поголем во преостанатиот дел од прес конференцијата изразија заложби за зголемување на атрактивноста на Охрид.

Зачмаено во теснопартиската безидејност, нестручност, неспособност и неподготвеност, претходното локално раководство на чие чело беа кадри од СДСМ, не реализира ниту еден капитален објект, а направи милионски долгови. Без чувство за минимум политичка, а особено граѓанска одговорност за таквата состојба, СДСМ денеска се обиде, по којзнае кој пат да ја манипулира јавноста со ефтини трикови, на кои одамна никој не им верува. Денес гледаме дека од таквиот расипнички, деструктивен однос кон градот не успеа да се дистанцира ни сегашното партиско раководство, кое го продолжува континуитетот на нивните претходници.

Посебно изненадува неупатеноста на координаторот на советничката група на СДСМ од Охрид за тековните заложби на Локалната самоуправа за набавка на нови 5 специјални возила за урбана хигиена во вредност од околу 20 милиони денари, а од друга страна критикуваат за необновување на возниот парк и механизацијата на јавното комунално претпријатие, за што имаа цели осум години тоа да го направат.

Напоменуваме дека парите од ребалансот на Буџетот ќе се трошат за видливи проекти кои ќе бидат од општа корист за граѓаните на Охрид,вклучително и градскиот кеј, кој ќе ја зголеми атрактивноста на градот. Парите нема да бидат потрошени за проекти кои никаде до ден денес ги нема, онака како што тоа го правеа нивните ментори од минатата локална власт, кои денес се нивни идоли. Затоа граѓаните ја почитуваат и веруваат во оваа локална власт, а не веруваат во манипулациите на СДСМ од Охрид, бидејќи знаат дека „волкот може да го смени влакното, а табиетот не“ .

На крај, како одговор на нивните прозивки од денешната прес конференција, уште еднаш им препорачуваме да ги погледнат отчетите за првите сто дена, за првите дванаесет месеци и за првите две години од работењето на оваа Локална самоуправа. Ние знаеме само за отчетно и транспарентно работење, со користење на факти и аргументи. А, Вие…?“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.