Со мултиетничка програма, која ја подготвија ученици и наставници од ОУ „Братство – Единство“, Охрид се одбележа почетокот на новата учебна година и се изврши прием на првачињата во Централната зграда на ОУ „Братство Единство“ и во зградата Лескајца.
Топло добредојде во училиштето и среќен почеток во образованието на првачињата им посака директорот на училиштето, Муамер Доко.
„Денес училишното ѕвонче го означи почетокот на новата учебна година, а со него и почетокот на новите училишни авантури. Денес, за прв пат ќе седнете во училишните клупи, од каде во наредните години ќе црпите знаење, мудрост и вештини, ќе ја сфатите големината на другарството и ќе ја почувствувате убавината на постигнатиот успех. На моите почитувани колеги, вашите идни наставници, им доверувам една многу драгоцена задача – со многу љубов и истрајност да го пренесуваат своето знаење, правејќи ги вашите училишни денови незаборавни.“- истакна Доко.
На настанот се промовираше и знамето кое на училиштетото му беше доделено од страна на Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието, како потврда за заслугите во промоција на мултиетничкото образование во регионот. ОУ „Братство-Единство“ е едно од шесте училишта во Македонија, кое е прогласено за модел училиште.
„Ова знаме е признание за нашата посветеност во промоцијата на мултиетничките вредности и сериозниот пристап во имплеметација на проектот. Ветувам дека ќе го оправдаме доделеното знаме, кое секогаш ќе не потсетува на нашите обврски како модел на училиште.“– рече Доко.
Со среќа, првачиња!
WebOhrid