Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими членовите на македонската карате репрезентација, Мартин Несторовски и Емил Павлов кои учествуваа на неодамнешните први Европски олимписки игри одржани во Баку, Азербејџан.
Повод за приемот на делегацијата на Карате федерацијата на Македонија е остварениот успех на македонските репрезентативци кои освоија два бронзени медали на игрите каде што спортистите се натпреваруваа во вкупно 20 спорта и 18 различни дисциплини.
Македонскиот карате репрезентативец Мартин Несторовски го освои бронзениот медал во дисциплината „кумите” +84 килограми, додека Емил Павлов го освои бронзениот медал во дисципината “кумите” +60 килограми.
Претседателот Иванов на средбата им го честиташе овој голем успех на македонските каратисти посакувајќи им и натаму да продолжат со остварување нови спортски достигнувања и достојно да ја промовираат Република Македонија во светот.
„Вашите успеси претставуваат позитивни примери и другите млади луѓе да спортуваат и да ги следат вашите достигнувања. Вие на најдобар можен начин ја претставувате Македонија на големите спортски натпреварувања. Спортските успеси нè прават горди, и затоа инвестициите во спортот треба да продолжат и во иднина, со уште поголем интензитет”, истакна претседателот Иванов на средбата, додавајќи дека каратето како спорт и вештина, бара голема физичка, но и психичка подготвеност и е израз на изграден и цврст карактер.
Членовите на македонската карате репрезентација заедно со селекторот Петар Белистојановски се заблагорадија за приемот и го информираа претседателот Иванов за настапот на олимписки игри од ваков карактер, како и за плановите во иднина и учеството во големите интернационални натпреварувања кои следат, изразувајќи цврсто уверување и понатаму да постигнуваат врвни резултати.