Пратеникот и координатор на пратеничката група на опозицијата, Горан Сугарески, денес одржа прес-конфернција на која истакна:
„Граѓаните знаат дека на теренот во интензивни контакти со нив, изминатиот период, ги дефиниравме проблемите и потребите за коишто нема слух актуелната власт.
Пратеничката група на СДСМ и коалициските партнери, за дел од решенијата што ги направивме во консултација со граѓаните, ќе побара уште веднаш да бидат усвоени. Се работи за важни законски решенија што во голема мера ќе влијаат на квалитетот на живот на граѓаните.
Денеска предлагаме три закони, со коишто ке се укине екстерното оценување, ќе се зголеми минималната плата во земјава и ќе се постави контрола во трошењето на парите на граѓаните.
Со законот за изменување на Законот за основно образование, бараме укинување на екстерното тестирање. Овој т.н. проект на Владата наместо да го подобри квалитетот на образованието, драстично го влоши со што нанесе штети како на образовниот процес така и на учениците и наставниците.
Децата ни се изложени на непотребни стрес, страв, паника што влијаат на нивната емотивна состојба и може да остават последици во психолошкиот развој.
Со измените на Законот за зголемување на минималната плата, предлагаме да се зголеми постоечкиот износ од 9.590 денари на 11.000 денари. Оваа законска измена ќе помогне на граѓаните со ниски примања. За прв пат и вработените во одделите со најниски плати ќе добијат минимална плата во полн износ. Целта е да се обезбеди повисок износ од минимална плата на сите работници во земјава, којашто работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа со полно работно време и исполнет нормиран учинок.
За да се подобри животниот стандард на ранливата група граѓани, со најмали плати, потребни се средства колку што вреди изградбата на Панорамското тркало во Вардар, така што не гледаме причина да не биде поддржан предлогот.
Ќе предложиме и измени во Законот за буџетите. Граѓаните мора да знаат каде и како се трошат нивните пари. Скриениот начин на трошењето на буџетските пари овозможува злоупотреба на народните пари и коруптивното однесување на власта. Со усвојување на предложените измени ќе се зголеми конролата врз трошењето на парите на граѓаните.“- истакна Сугарески.