Победа за Македонија против Холандија на Евробаскетот 2015

Македонската кошаркарска репрезентација ја запишува првата победа на Европскиот шампионат во Загреб. Во 2 коло од групата Ц, црвено жолтите ја совладаа Холандија со 78-71.

Нашиот национален тим сосема заслужено ја славеше победа над изненадувањето од евроквалификациите Холандија.

Избраниците на Србиновски по изедначената игра во првите десет минути во втората четвртина ја најавија посакуваната победа.

Нашите бекови пред се Костоски, браќата Стојановски и Илиевски ги наместија нишанските справи и го полнеа кошот на популарните лалиња од сите позиции. Но, и денеска голем проблем во играта под кошевите како и на дуелот со Грција е слабиот скок под својот кош.

Со добрата игра во одбрана и прецизниот шут на полувреме заминавме со предност од 12 поени.

На отварањето на третата делница и покрај тројката на Трајковски, Холандија го намали нашето сигурно водство. По тајмаутот на Србиновски работите повторно доаѓаат на свое место на задоволство на македонската навивачка фаланга која и денеска беше нашиот шести играч. Стојановски и Трајковски со по една тројка повторно го враќаат сигурното водство.

Последната делница ја започнавме со водство од 56-49, по израмнетиот почеток, капитенот Илиевски реализира контранапад за 63-54, Трајковски повторно погодува од дистанца, Македонија води со 70-58. На стотина секунди до крајот водиме со 75-60. За потоа лалињата да го искористат нашето опуштање и да стигна до чесен пораз од 78-71.

Во денеска одличниот македонски национален тим дури петмина кошаркари постигнаа двоцифрен број на поени. Капитенот Илиевски со 14 беше прв стрелец, по 13 реализираа Костовски и Трајковски, 11 постигна Војдан Стојановски, а одличниот Хендрикс покрај десетте коша успеа да оствари и 7 скокови и три блокади.

Утре нашите најдобри кошаркари ќе имаат слободен ден и ќе се подготвуваат за следниот предизвик дуелот во вторник од 21 часот против домаќинот Хрватска.