Согласно Законот за национален уметник на Република Македонија, во Министерството за култура пристигнаа четири иницијативи за титулата национален уметник, и тоа: иницијативата на ЈУ „Младински културен центар“ за Никола Маџиров, иницијативата на НУ „Македонска опера и балет“ за Ана Дурловски, иницијативата на НУ „Албански театар“ за Бајруш Мјаку и иницијативата на „Хуманитарно друштво Хендикепирано лице од Скопје“ за Ремзи Бела.
Согласно извештајот доставен од Комисија за утврдување на национален уметник во состав: академик Катица Ќулафкова, академик Газанфер Бајрам, проф.м-р. Јана Андреевска, Оливер Белопета и Раде Силјан, двајца кандидати и тоа: поетот и преведувач Никола Маџиров и оперскиот уметник Ана Дурловски, ги исполнуваа општите и поединечните критериуми зацртани во законот.
Ценејќи го творештвото на двајцата кандидати, Комисијата за утврдување на национален уметник едногласно донесе одлука годинашното највисоко признание во областа на културата, титулата национален уметник да ја додели на оперскиот уметник Ана Дурловски.