Македонската кошаркарска репрезентација синоќа во 3 коло од групата Ц го претрпе вториот пораз на Евробаскетот. Нашиот национален тим беше совладан од домаќинот Хрватска со убедливи 73-55 (15-18, 15-14, 22-10 и 21-13).
Македонија одигра две максимално различни полувремиња. Одлично прво и очајно второ полувреме.
Во првите две четвртини избраниците на Србиновски со одлична колективна игра под двата коша, цврсто, агресивно и пожртвувано во одбраната и максимално дисциплинирано во нападот со многу поени од под самиот кош беа рамноправен противник на фаворизираниот домаќин. На полувреме Македонија изненадувачки замина со предност од 32-30.
Во првите 20 минути посебно расположен за игра беше нашиот центар Предраг Самарџиски, популарниот Пеџа беше првата опција во нападот, но и водеше вистинска војна под кошевите со високите кошаркари на Хрватска со НБА потенцијал Анте Томиќ, Дарио Шариќ и Жориќ.
Кога сите очекувавме во ист ритам нашите најдобри кошаркари да го продолжат мечот, на паркетот во Арената во Загреб како да излегоа некои други момчиња во црвени дресови.
Без причина избраниците на Србиновски започнаа наместо повторно да играат долг и дисциплиниран напад, започнаа нападот да го завршуваат со шут зад линијата за три поени. Во третиот период падна и нашата одбрана, на половина Хрватска влезе во убиствен ритам и по прв пат на средбата прави двоцифрена предност што подоцна се покажа и како клучна за крајниот епилог.
Последниот обид за резултатски пресврт нашите кошаркари го направија на отварањето на четвртиот дел, со тројка на Костовски и банана на Самарџиски, но домаќините брзо се консолидираа и на крајот рутински го завршија дуелот до убедлив триумф од 73-55.
Наши најефикасни кошаркари беа Самарџиски со 10 и браќата Стојановски со по девет поени.
Денес пред нашиот тим е клучниот меч на Евробаскетот, дуелот од 18 часот за место во осминафиналето во Лил против селекцијата на Грузија.