Победникот на Охридскиот маратон и истовремено најдобриот Македонски пливач на долги патеки, Евгениј Поп Ацев беше гостин во куќата на спортот. Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески најпрвин му го честита големиот успех во Охрид, како и моментално најдобриот успех во Македонското маратонско пливање – првото место на Гранд – при серијата на маратони.
Имено, после двете втори места изминативе две години, Поп Ацев конечно се искачи на врвот на листата во генерален пласман и со тоа направи историски успех за Македонското маратонско пливање. Истовремено, тој учествува и на Светскиот куп во маратонско пливање, натпреварување со поголем квалитет и многу поголема масовност, на кој се плива во Олимписката дисциплина на 10 км. и моментално е на 20-то место во генералниот пласман.
Од следните две трки, кои се најавени за Октомври и кои се одржуваат во Кина и Хонг Конг се очекува Евгениј да го подобри својот пласман и да се обиде да се искачи до 6-то место.
Директорот на АМС искрено му посака да го оствари зацртаниот успех со што би остварил и право на стипендија од Меѓународен карактер, која Агенцијата за млади и спорт ја доделува за остварен резулатат од овој ранг. Очекуваме негов добар настап и на натпреварот во Сетубал, Португалија следната година на кој се обезбедува норма за настап на Олимписките Игри во Рио Де Жанеиро.
Сите љубители на маратонското пливање ќе имаат можност да се сретнат со нашата најголема пливачка звезда уште утре на маратонот во Дојран.