Врз основа на Меморандумот за разбирање и соработка, потпишан меѓу Општина Охрид и „ИМЕ“ програмата на Швајцарската агенција „СВИСКОНКТАКТ“ , денеска се одржа првиот состанок на Локалното координативно тело за развој на туризмот. На состанокот на кој присуствуваше и Елена Иванова од Секторот за туризам и угостителство при Швајцарската фондација за техничка соработка, се разговараше за улогата на координативното тело, стратешките промени и методологијата за развој на туристичката дестинација и изготвувањето на стратегија за развој на туризмот во Општина Охрид.
„Целта на формирањето на Локалното координативно тело за развој на Охрид како туристичка дестинација е синхронизирање на активностите на јавните институции, правните субјекти и другите чинители од областа на туризмот. Прв приоритет е изготвување на Стратегија за развој на туризмот во Охрид за следните пет години, преку консултативен процес“- рече Елена Иванова од Швајцарската фондација за техничка соработка.
Изготвувањето на Стратегијата за развој на туризмот во Охрид, како што истакна раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој Ѓоко Апостолов, е важен процес, бидејќи со тоа на полесен начин се доаѓа до средства од европските фондови.
„Со изготвената стратегија ќе аплицираме за користење средства од ИПА фондовите кои се сервисираат преку Светска банка, а вкупниот износ за Република Македонија е 23 милиони евра. Дел од средствата можат да се добијат како грант или со директна спогодба , а доколку добро сте подготвени може да се издејствуваат и подобри услови за одобрување и користење“- додаде Апостолов.
Заради поефикасна работа , од Секторот за туризам и локален економски развој, апелираа , на состаноците да присуствуваат сите членови, бидејќи претходно се согласиле да бидат дел од координативно тело за развој на туризмот во Охрид.