Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на град Охрид, денес ја реализира кампањата „Вози трезен-стигни жив“.
На кеј „Македонија“ во близина на охридското пристаниште беше поставен сообраќаен пункт составен од полициски службеник и волонтер на Црвениот крст каде се вршеше доброволно алкотестирање како и делење на пригоден едукативен материјал на сите учесници во сообраќајот пред се на возачите на моторни и други возила. Едукативниот материјал беше поделен на граѓани и низ охридската чаршија и кафе баровите.
Според евиденциите на СВР Охрид, во првите осум месеци од оваа година, во Охрид случени се 216 сообраќајни незгоди што претставува намалување во однос на 220 незгоди случени во истиот период лани. Во осуммесечниот период годинава имало 2 сообраќајни незгоди со жртви а во истиот период лани се случиле три незгоди со трагичен епилог.
Целта на кампањата „Вози трезвен-стигни жив“ е унапредување на сообраќајната превенција, подигнување на степенот на сообраќајната култура кај возачите на моторни и други возила и подигнување на свеста за штетните и кобни последици од возењето под дејство на алкохол.
Денешните активности се спроведоа во соработка со општинската организација на Црвениот крст и со полициската станица за безбедност во патниот сообраќај при СВР Охрид.