Ќе се гради нов Дом за стари лица, инвестиција од околу еден милион евра

Се вршат подготовки за изградба на нов Дом за стари лица во Скопје односно за стари лица чии пензии се толку ниски што не можат да бидат прифатени во приватните домови за стари лица, одговори денеска премиерот Никола Груевски на новинарско прашање дали се планира изградба на нов државен Дом за стари лица.

Нашата одлука, појасни Груевски, е во правец да почнеме градба на нов Дом за стари лица прво во Скопје, а потоа и во другите градови во Република Македонија, кои ќе ги згрижуваат лицата кои имаат ниски пензии и немаат имот, што не можат да бидат прифатени во приватните домови.

„Сакаме да помогнеме да се зголеми капацитетот на државните старски домови, но не сакаме да им бидиме конкуренција на приватните. Од една страна приватните доста помагаат со старите лица кои имаат потреба од такви домови, а од друга страна пак не ја вршат работата за оние пензионери кои имаат пониски пензии и немаат имот, а такви има многу“, изјави премиерот Груевски по денешната посета на лабораторијата за ин витро фертилизација и замрзнување на полови клетки и ембриони при Клиниката за гинекологија во Скопје.

Тој нагласи дека ќе бидат многу внимателни во однос на ова прашање за да се развие приватниот сектор. Во овие неколку години, како што рече, доста е развиен и отворени се 17 нови домови за стари лица во Република Македонија, кои згрижуваат околу 600 лица.

Во Скопје во моментот во државните домови за стари лица има исполнет капацитет од 558 места, а она што се планира, истакна премиерот Груевски, е дуплирање на овој капацитет – изградба нов Дом за стари лица во три фази.

„Првата фаза ќе биде за 170 лица, ќе чини околу еден милион евра, а Министерството за труд и социјална политика во наредните недели ќе ги почне постапките за проектирање на Домот. Некаде во втората половината на следната година, откако ќе биде избран проектант и ќе го направи проектот, ќе биде објавен јавен повик за изведувач на објектот. Очекуваме втората половина од 2016-та да започне изградбата на првата фаза за 170-те лица во новиот Дом, кои имаат ниски пензии со кои не може да бидат прифатени во приватните“, рече премиерот Никола Груевски.