Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство продолжува со директните средби со земјоделците

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од денеска, па до 17 декември годинава ќе продолжи со отворените денови во рамки на кои ќе посети нови 100 населени места низ Македонија каде ќе има директни средби со земјоделците.

Новиот циклус на отворените денови ќе почне денеска во 19 часот во Росоман, а агендата за средбите со земјоделците со точната сатница е објавена на веб страницата на Министерството.

„Најголем дел од местата кои ќе се посетат се нови, но има и такви каде е барана повторна средба за расчистување на некои дилеми и презенитрање на некои проекти кои се опфатени со Програмата за рурален развој и средсвата кои се на располгање во трите мерки од ИПАРД“, рече заменик министерот Ванчо Костадиновски на денешната прес-конференција, повикувајќи ги сите кои имаат некаков проблем или сакаат да се запознаат со некои проекти и мерки да дојдат на средбите.

Тој прецизира дека во првиот циклус на отворените денови во август годинава претставници на Министерството, Платежната агенција и Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството посетиле 102 населени места ширум Македонија каде имале директни средби со повеќе илјади земјоделци кои им ги изложиле своите проблеми.

„На директните средби со земјоделците имаше лични барање и барања од локален и регионален интерес, како и барање за презентација на можностите кои ги нудат мерките на Владата предвидени согласно Националната програма за рурален развој и Програмата за директна финансиска поддршка, односно субвенциите“, рече Костадиновски.

Најчесто, нагласи, беа поставувани прашањата за инвестициите во водостопанството, односно проширување на постоечките системи заради опфаќање на што е можно поголема површина под систем за наводнување, рехабилитација на постојните системи и за продолжување на системите за наводнување.

„Интерес имаше и за инвестиции во руралната инфраструктура за подобар квалитет на живеењето и подобар пристап до земјоделските површини, како и за можностите за изградба на културни домови, пазари и плоштади. Се поставуваа и прашања за барањата и апликациите на земјоделците за Националната програма за рурален развој, Програмата за директни плаќања, остварувањето на правото за субвенции, за јавните огласи за модернизација на механизацијата, за користење на средствата од ИПАРД,..Со еден збор се она што се интересираат е во функција на зголемување на нивните приноси и за подобрување на сточарството“, прецизира Костадиновски.

Тој посочи дека на средбите се објаснети сите аспекти од програмата 2015/2025, а на земјоделците им биле делени и совети за подготовка на апликациите и на кој начин можат да ја подготват документацијата во делот на аплицирање и поднесување понуди за државното земјоделско земјиште и за јавниот повик за легализација на поседи кои се одгледуваат на државно земјоделско земјиште за кое корисниците немаат регулиран стаус на сопственоста.

Директорката на Платежната агенција, Билјана Вуковиќ нагласи дека на директните средби со земјоделците добиле одлични сугестии за поедноставување на постапката за аплицирање за субвенциите и за останатите програми што ги спроведува Агенцијата.
Таа прецизира дека дел од проблемите кои земјоделците ги истакнале на средбите веднаш ги решиле, за оние кои биле покомплицирани одговарале во рок од 48 часа со насоки кои документи се потребни и дали има некои неискористени правни средства за нивно решавање, а за проблемите кои погодувале поголема група на земјоделци биле повикувани во Агенцијата на состанок.

„Со таков пристап ќе продолжиме и понатаму. Она што не поттикна да продолжиме со отворените денови е што имавме огромен одѕив на претходните и што беа од корист за двете страни и за нас како администрација, но и за земјоделците“, рече Вуковиќ.