Номинација на кандидат на Република Македонија за функцијата генерален секретар на ОН

Република Македонија одлучи да го номинира д-р Срѓан Керим, поранешен министер за надворешни работи на Република Македонија и 62. претседател на Генералното собрание на Обединетите нации, за функцијата генерален секретар на Обединетите нации.

Источноевропската група во ОН, на која ѝ припаѓа и Република Македонија, во ноември 2014 г. зазеде заеднички став дека следниот генерален секретар на ОН, според начелото на ротација, треба да биде избран од нејзините редови. За таа цел беа спроведени повеќемесечни дипломатски консултации со петте постојани членки на Советот за безбедност, како и други земји кои се значајни надворешнополитички партнери на Република Македонија.

Како резултат на тие консултации и високите оценки за неговото меѓународно искуство, познавање на глобалните процеси и други дипломатски квалификации, а особено широко распространетото признание меѓу земјите-членки за претседавањето со Генералното собрание на ОН, Владата на Република Македонија оцени дека д-р Срѓан Керим е личност што ги исполнува неопходните услови и критериуми да биде кандидат за функцијата генерален секретар на ОН.