Попоски – Јолевски: Македонија на Самитот во Варшава очекува признание за достигнувањата

Министрите за надворешни работи и за одбрана на Република Македонија, Никола Попоски и Зоран Јолевски, изразија задоволство од состанокот во НАТО, каде најпрво се сретнаа со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, а потоа и со Северно-атлантскиот совет на НАТО во рамки на читањето на извештајот од 16-тиот циклус на Акцискиот план за членство (МАП) на Македонија во Алијансата.

Според македонскиот шеф на дипломатијата, се работи за 16-ти состанок по кој очекувањата се дека на Самитот на НАТО во Варшава, идната година, нашата земја ќе добие признание за достигнувањата, иако пречката за членство во најголемата воено-политичка организација на светот останува грчкото вето, јавува дописникот на МИА од Брисел.

„На овој 16-ти состанок од почетокот на овој процес на приклучување кон Алијансата, прва и највидлива точка беше фактот дека Македонија веќе седма година не е дел од НАТО, а по Букурешкиот Самит и одлуката дека претходно треба да се најде решение со нашиот јужен сосед. Во овој дел, најголемиот хендикеп е тоа што Грција не чувствува посебен притисок од подолгиот период на блокада на Македонија. Од друга страна, за нас, второ најдобро решение или пристап е да работиме на подобрување на односите, на зближување на двете земји и на тој начин да обезбедиме подобра клима за моментот во кој би можеле да се приклучиме кон НАТО Алијансата“, посочи министерот Попоски по состаноците.

Според шефот на дипломатијата на Република Македонија, денеска биле поздравени напорите и придонесот кој го дава Македонија во НАТО, конкретно и на политичко ниво. А, имало и интерес и за политичкиот дијалог во земјата и напорите што се вложуваат за надминување на политичката криза.

Попоски пренесе дека охрабрува фактот што во моментов се гради клима во која сите институции можат целосно да функционираат, вклучително и Парламентот на Република Македонија и дека тоа е добар адут за тргање на страна, т.е. изолирање на сите изговори што во минатиот период беа користени за оттргнување на вниманието од клучниот проблем, а тоа е блокадата што Македонија ја има во НАТО.

„Очекувањата се дека во пресрет на Самитот во Варшава со сигурност ќе има придвижување во делот на проширувањето. За Македонија очекувањата се дека ќе бидат признаени нашите досегашни достигнувања, но без консензус, членство тешко може да се постигне“, дециден е Никола Попоски.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски, пак, посочи дека на средбата со генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, како и со Северно-атлантскиот совет на Алијансата, информирал за реформите што се направивме во Армијата на Република Македонија и за контрибуциите во мировните мисии, посебно за НАТО-мисиите како “Одлучна поддршка” и “КФОР”.

„Нашите соговорници изразија задоволство од тоа што е постигнато, за начинот како македонските војници ги извршуваат своите задачи во Авганистан и логистичката поддршка во рамки на КФОР. Покрај за реформите, информиравме и за модернизацијата на македонската Армија која е целосно во согласност со НАТО-стандардите“, посочи Јолевски.