Општина: Секојдневно се менува изгледот на Охрид на подобро и поубаво

Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид,  реакција испрати општина Охрид, во која се вели:

„Добро утро СДСМ- Охрид!

Среќни сме и задоволни што конечно после десеттина години власт во Охрид и повеќе од две години опозиционо делување, СДСМ- Охрид конечно се разбудија од нивниот сон и се надеваме дека шетајќи се по охридските улици во новото утро појасно можат да го видат кошмарот кој му го оставија на градов и охриѓани во изминатите години.

Свесни сме дека од партиската централа во Скопје од СДСМ- Охрид добиваат насоки за континуирано критикување на вредното работење на градоначалникот Никола Бакрачески и локалната самоуправа но тоа го прават многу невешто и со секоја прес- конференција си даваат афто голови отворајќи прашања кои што воопшто не им одат во прилог. Но тука сме ние да им укажеме на тоа а граѓаните на Охрид да ги потсетиме за сите злодела кои СДСМ – Охрид им ги нанесе нив и на градов.

Во интерес на вистината, а со цел ова да го потврдиме со факти ќе ја потсетиме јавноста дека токму на еден крак од улица „Момчило Јорданоски“ којашто денес СДСМ ја спомна во својата прес конференција, претходниот градоначалник од нивните редови и тогашните служби, незаконски спроведоа канализациона мрежа на истата и општина Охрид низ еден чуден судски процес беше задолжена на едно охридско семејство да му исплаќа 50 евра дневно оштета направена од власта од СДСМ во Охрид. Замислете, повторуваме штета од 50 евра дневно на име оштета!

Е така се грижеше СДСМ- Охрид за охриѓани и за жителите на улица „Момчило Јорданоски“. Главниот стил на работа им беше да креираат вештачки судски спорови за подоцна општината да ги изгуби.

За разлика од нив оваа локална самоуправа веднаш по осознавањето на оваа штетна одлука за општина Охрид презеде серија активности за правно оспорување и ублажување на штетните последици за општината.

Градоначалникот Никола Бакрачески своите активности исклучиво ги базира согласно однапред утврдена програма за работа притоа обезбедувајќи ја целокупната потребна документација за реализација на определен проект. Никогаш на актуелната локална власт нема да и се случи насилно да помине низ ничиј имот за да потоа општината биде доведена да плаќа судски пенали поради таа активност.

Што се однесува до улицата „Сирма Војвода“, стручните служби на општина Охрид имаат изработено комплетна документација за изградба на улицата којашто СДСМ со години им ја ветуваше на граѓаните, секогаш за изборни цели и како и за сите други проекти овие граѓани ги излажа и ги остави да минуваат низ каллива улица. СДСМ- Охрид нека не се грижи, ќе го решиме и овој проблем кој им го оставија на граѓаните и многу наскоро по завршување на постапката за објава ќе биде објавен тендер по што и овој проект ќе биде завршен.

А ако од СДСМ – Охрид сакаат во целост да зборуваме за населбата Видобишта и тука тие имаат проблеми со факти. Во моментов во тоа населено место се одвиваат градежни активности. После повеќе од 30 години темелно се реконструира и улицата „Ристо Чадо“ а локалната самоуправа планира да уреди и неколку улички кои се најприоритетни за жителите на овој дел од Охрид.

Ние така знаеме да работиме, по програма со проекти, со решени имотно правни односи и така секојдневно никнуваат плоштади, се реконструираат улици, се градат нови кружни токови. Секојдневно се менува изгледот на Охрид на подобро и поубаво.

На крај господо од СДСМ- Охрид отворено ве прашуваме, Што добро Вие направивте за Охрид?“- стои во реакцијата.