Наместо тројца од редовите на дијаспората да се избираат дваесет пратеници во Парламентот и за нив да се гласа во една изборна единица, е предлагот на ВМРО-ДПМНЕ до останатите политички партии во преговарачката работна група за изборите, што го соопшти денеска премиерот Никола Груевски.
„Сакаме да се задржи можноста дијаспората да има свои претставници во Парламентот на Република Македонија. Дури мислам дека е прениско застапена и затоа дадовме една идеја во работните групи, ако и другите политички партии прифатат да го смениме моделот наместо три пратеници од дијаспората, 20 пратеници на дијаспората, односно наместо досегашните три изборни единици во кои се бираше по еден пратеник од дијаспората да има една изборна единица, а во неа да има 20 пратеници, па според гласовите што ќе ги добијат, односно како што ќе гласа дијаспората ширум светот, така да се распределат на пратениците коишто ќе бидат на таа специјална листа“, изјави Груевски, при посетата на Битола.
На тој начин, оцени, ќе има посилно зајакнување на дијаспората во македонскиот Парламент, ќе има нејзино влијание, бранење на нивните интереси, идеи и предлози.
Потенцирајќи дека сакаат да има максимално транспарентни, чесни и правични избори рече дека тоа е нивна заложба и ќе поддржат секаква идеја што е во тој правец.
Груевски укажа дека го поддржале предлогот на СДСМ за претходна регистрација на гласачите и нагласи оти инсистираат на тоа, со што, според него, опозицијата ќе нема алиби за обвинувања за фантомски гласови.
„Имено, едно од основните обвинувања што СДСМ ги имаше кон ВМРО-ДПМНЕ, а беа неосновани, беше дека има некакви гласови коишто ние не сме ги добиле, дека биле фантомски, со различни бројки и дека заради тоа тие загубиле и дека не се во ред избирачките списоци. Затоа ние го прифативме нивниот предлог за претходна регистрација на гласачите, дури и додадовме да биде и со електронски отпечаток од прст, така што не само што го прифативме, туку сега и инсистираме“, рече Груевски.
Не сакаме, додаде, на следните избори кога ќе победиме повторно опозицијата да бара алиби дека им се украло од гласовите, дека има некакви фантомски гласови, дека се заокружувале некои што не гласале и затоа треба да се прифати предлогот, а тоа е претходна регистрација, да се додаде кон тоа отпечаток од прст на секој што ќе се регистрира и кога ќе се регистрира и кога ќе гласа и тоа да не биде само за овие избори, туку тоа да биде и за следните избори независно дали се парламентарни или локали или претседателски избори.
На тој начин, нагласи Груевски, ќе се создаде ситуација опозицијата да не може да го бојкотира Парламентот.
Постоечкиот модел, смета Груевски, е добар, и не покажал некои сериозни аномалии. Во однос на ставовите на некои политичари дека требало да има отворени листи за да дојде до израз повеќе личноста на пратеникот, односно граѓаните да не гласаат само за партија, туку и за личност, наведе дека за тоа во светот е најдобар мнозинскиот модел.
„Ако сакаме да прејдеме на модел што ќе се гласа повеќе за личноста, а не за партијата, тогаш да не правиме хибридни варијанти да преминеме на мнозинскиот систем каде што граѓаните ќе знаат не само за која партија гласаат и од која партија доаѓа кандидатот, туку и кој е човекот. А, тука можеме да го додадеме и тоа што претходно го објавивме како предлог, а тоа е секоја партија што ќе победи да има плус 17 бонус пратеници заради стабилност на секоја идна влада. Ако Заев и СДСМ се сигурни дека ќе победат нека повелат пред граѓаните со личности на мнозински систем, а ако го одбијат тоа значи самите во себе веруваат дека нема да победат“, изјави Груевски при посетата на Битола.