Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, златен накит, топено злато, режан тутун, цигари, автоделови, делови за трактори, облека, часовници и фалсификати. Задржана е следната стока:
Девизи и злато
– 28.000 евра откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи македонски автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Ќафасан. Во предниот џеб од панталоните на возачот биле пронајдени 30.000 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на возачот му се вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата. Непријавените девизи се привремено задржани а против возачот е поведена прекршочна постапка.
– 3.000 евра, откриени при контрола на багажот на македонски државјанин, кој со македонски автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Деве Баир. Патникот пријавил дека со себе носи 3.000 евра за кои немал документи за потекло, но при прегледот на багажот, во чантата што ја носел на рамо се пронајдени 6.000 евра. Од пронајдените девизи, согласно законските прописи, на патникот му се вратени пријавените 3.000 евра, од кои 2.000 евра како износ што резидент може слободно да го изнесе од државата и 1.000 евра за кои му беше наложено да ги врати назад затоа што не поседувал документ за потекло. За сторениот прекршок против патникот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.
– 33 грама златен накит (обетки, прстени, приврзоци и алка) и 30 грама претопено злато, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на турски автобус што сообраќал на релација Гостивар-Истанбул, управуван од турски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Богородица. Непријавеното злато е пронајдено под возачкото седиште, завиткано во најлонска кеса, облепена со леплива лента, и покриена со опаковка со влажни марамчиња. Златото е привремено задржано, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.
Цигари и тутун
– 31 кг. режан тутун, откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на српски камион, управуван од српски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавениот тутун е пронајден во две најлонски кеси сместени во просторот за палети на приколката и е привремено задржан. Против прекршителот е отпочната прекршочна постапка.
– 10 штеки цигари MARLBORO GOLD ORIGINAL без акцизни маркички, откриени при контрола на македонски автомобил со кој за влез во државата на граничниот премин Меџитлија, се пријавиле пет македонски државјани. Патниците пријавиле дека носат 5 штеки цигари, но при контрола на багажот, во патните торби на еден од патниците, сместени зад предните седишта се пронајдени уште 10 штеки цигари. Непријавените цигари се привремено задржани, а против патничката е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
– 6 штеки цигари YORKBLUE 100’S и YORKRED 100’S со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на македонски автомобил, пријавен за излез од државата на граничниот премин Деве Баир. Цигарите се пронајдени во патна торба, сопственост на патничка во автомобилот, македонска државјанка. Непријавените цигари се привремено задржан, а против прекршителот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.
Делови за возила
– 457 автоделови (гуртни, клинасти и ребрасти ремени, лагери, ламели, грејачи, плочки за кочници, светилки и др.), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на српски камион, управувани од српски државјани, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Автоделовите се пронајдени во 3 картонски кутии сместени во надворешна преграда од кабината на возилото. Непријавените производи се привремено задржани, а против прекршителот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 79 нови тракторски делови (мембрани за пумпа, карики, вентили, запчаник, ланец за мотор и др.), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, на граничниот премин Табановце автопат. Тракторските делови се пронајдени во најлонски кеси сместени под предните седишта и во багажникот на возилото, покриени со кебе. Непријавените производи се привремено задржани, а против прекршителот е отпочната соодветна постапка.
Облека и часовници
– 985 парчиња облека (детски хеланки и чорапи), откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин извршена на патниот правец Куманово -Скопје. Текстилните производи за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки, се пронајдени во најлонски кеси и вреќи, сместени на задното седиште и во багажникот на возилото. Непријавените производи се привремено задржани, а против прекршителот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.
– 46 рачни и џебни часовници, откриени во соработка со безбедносните служби на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на германски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Келн. Часовниците се привремено задржани а против прекршителот е поведена прекршочна постапка.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектулна сопственост
– 2.010 пара чорапи со лого на заштитена трговска марка, откриени при контрола на стока со потекло од Турција, намената за фирма увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 4.
– 155 готови текстилни производи со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови, при контрола на два македонски автомобили, управувани од македонски државјани.
Во првиот случај, при контрола извршена на патниот правец Скопје – Велес кај патарината Велес, во црни најлонски кеси сместени во багажникот на возилото се пронајдени 65 маици и 15 комплети тренерки со ознаки на заштитена трговска марка. Во вториот случај, при контрола извршена на патниот правец Градско – Кавадарци, во багажот простор и на задните седишта во возилото се пронајдени 75 комплети тренерки со ознаки на заштитена трговска марка.
– 1 рачен часовник со ознаки на заштитена трговска марка, откриен на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на поштенска пратка од Хонг Конг, наменета за физичко лице од Гостивар.
Во сите случаи стоката е привремено задржана поради основано сомневање дека претставува фалсификат на заштитени трговски марки и согласно законските одредби ќе бидат започнати постапки за утврдување на оригиналноста на истата.
– 306 крпи за плажа со ознаки на заштитена трговска марка, откриени при контрола на стока со потекло од Турција, наменета за фирма увозник од Струмица, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 1. Носителот на правата од интелектуална сопственост потврдил дека се работи за фалсификати, поради што против увозникот ќе биде поведена соодветна постапка.