Во Братислава, Словачка се одржува едукативна работилница за тренери, експерти од областa на едукативните тренерски процеси и технички менаџери на која учествуваат претставници од сите 54-ри членки на УЕФА.
Фудбалската федерација на Македонија на 11-от УЕФА тренерски семинар ја претставуваат Зоран Стратев, координатор на младите национални тимови и фудбалската академија, Звонко Златановски, тренер во фудбалската академија, Марио Ѓурчиновски, член на УЕФА техничкиот комитет и Небојша Марковски, директор на центарот за едукација на ФФМ.
„Создаваме иднина“ е слоганот на едукативниот семинар во Братислава, а главната тема на дискусиите и предавањата е развојот на елитниот младински фудбал и посебно пилот проектите во Македонија, Грузија и Ерменија за националните академии.
„Овој тип на семинари е совршен начин за разговори и дискусии во однос на програмите кои се насочени кон развој на младинскиот фудбал. Имаме прилика да анализираме, споредуваме, да се надградуваме и на крајот да бидеме побогати со знаење, идеи и пријателства. Ја претставивме нашата работа со националната академија, проект на ФФМ и УЕФА и навистина сме среќни што многумина од претставниците на УЕФА ја препознаа како многу квалитетна и како проект кој ќе помогне да го изградиме нашето вистинско фудбалско семејство. Се што слушнавме и сработивме во Братислава ќе го искористиме во нашата понатамошна работа и се надевам дека со тоа ќе им бидеме од помош и на колегите во нашата земја и на клубовите“, – изјави Зоран Стратев.
На тренерскиот семинар утре свое предавање ќе има Ларс Лагербек, тренерот на репрезентацијата на Исланд и член на УЕФА Жира панелот.