„Македонија, во делот на земјоделството и индустријата за храна, на располагање на идните инвеститори им нуди земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп за примарно производство, парцели за изградба на откупни центри за овошје и зеленчук и винарски визби, како и целосна поддршка за реализација на деловните идеи.“ Ова денеска го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков на Форумот за земјоделство, трговија и економска соработка помеѓу земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина што се одржува во Будимпешта, Унгарија, презентирајќи ги деловните можности за трговска соработка и инвестирање во македонскиот земјоделско-прехранбен сектор.
Цветков посочи дека секторите со компаративна предност, кои се извозно-ориентирани и атрактивни за инвестирање, се свежиот и преработен зеленчук и овошје, производството на вино, на ароматичен ориентален тутун и јагнешко месо, како и органското производство.
Помалку конкурентните сектори за кои постои потреба на домашниот пазар и можност за инвестирање, додаде, се производството на пилешко и на говедско месо.
„Владата на Република Македонија во изминатиот период беше целосно посветена на спроведување темелни и суштински реформи во сите области од економското работење, во насока на постигнување поволна деловна клима за домашните компании и привлекување странски инвеститори“, информира министерот.
Според него, нивото на моментална трговска соработка со земјоделски производи помеѓу двете земји се развива, но може да се подобри. – Нашата земја е особено заинтересирана и за влез на директни странски инвестиции во преработувачката индустрија во Македонија поради повисокото ниво на развој, што би помогнало и во општиот развој на земјоделското примарно производство, рече Цветков.
На Форумот во Будимпешта учествуваат министри за земјоделство од 20-тина европски држави и од Кина, како и претставници од унгарски компании.