Комисијата за надворешна политика на СДСМ, раководена од заменик претседателката Радмила Шекеринска, ја анализираше состојбата во надворешната политика на Република Македонија, во однос на остварувањето на стратешките определби на државата на надворешен план.
Констатирано е значајно назадување на позицијата и угледот на Република Македонија на овој план, од година во година, со јасни белези за изолација и доведување во опасност на интегритетот, самостојноста, безбедноста и развојот на земјата, како и бесперспективност на нејзините граѓани.
Како суштински елементи за овие состојби се неконзистентната надворешна политика на актуелната Влада на РМ и маргинализацијата на дипломатската структура во креирањето, координирањето и реализацијата на стратрешките цели за интеграција на Р. Македонија во ЕУ и во НАТО. За нивна реализација потребно е создавање на обединувачки основи и единство во државата, за што Комисијата подготви Нацрт-Стратегијата за надворешната политика на Република Македонија.
Комисијата за надворешна политика на СДСМ ги разгледа и подготвените решенија за осовременување на дипломатската структура, со цел одговарање на предизвиците во динамичните меѓународни односи, а за квалитетна одбрана на интересите на државата во странство и со странски субјекти.