Во Македонската опера и балет вечерва со почеток во 20 часот ќе биде изведен ораториумот насловен „Љубовта кон пророкот“ на реномираниот композитор Фатос Лумани. Диригент на изведбата на оваа голема музичка творба за хор, оркестар и солисти со драмско–епски карактер е маестро Хакан Шенсој, кој е еден од најистакнатите диригенти во Република Турција, со реализирани многубројни концерти на подиумите низ целиот свет, за што и многупати е наградуван.
Ќе настапат хорот и оркестарот при Македонската опера и балет, познатиот музичар Блерим Груби ќе се претстави како солист на виола, а во рамките на овој музичко-сценски перформанс магијата на мистичната музика ќе биде доловена преку изведба на ориентални музички инструменти. Абас Јахја и Убејдулах Сезикли ќе свират на инструментот неј, Мухарем Хафиз ќе свири на канун, Елјеса Асани на уд, а Шафак Ел Имам на деф.
Низ приказната на ораториумот „Љубовта кон пророкот“ ќе не водат актерите Адем Карага и Атила Клинче кои ќе рецитираат стихови од делото насловено „Дожд“ од познатиот турски поет Нурулах Генч. Улогата на текстописец во овој проект му е доделена на писателот и режисер Артан Арслани, кој претходно има веќе соработувано со композиторот Фатос Лумани.
Настанот е во организација на Институтот „Јунус Емре“, а се реализира со поддршка од Министерството за култура.