Министерот Јолевски на средби со претставници на Конгресот и тинк-тенк заедницата во САД

Соединетите Американски Држави цврсто ја поддржуваат Република Македонија во достигнувањето на нејзината стратегиска цел – членство во НАТО. Тоа е важно за безбедноста и стабилноста на државата, регионот, но и Европа во целина, заклучија на вчерашниот состанок во Конгресот на САД, министерот за одбрана Зоран Јолевски и конгресменот Том Марино, кој е и заменик претседател на Парламентарното собрание на НАТО.

На средбата, соопшти денеска Министерството за одбрана, министерот Јолевски ги презентираше аргументите зошто Република Македонија заслужува да биде дел од Алијансата. Воедно, се разговарало и за реформските процеси при што министерот истакнал дека иако Македонија ги исполнува сите услови за членство, процесите на реформи и развој течат во континуитет.

Конгресменот Марино, кој е и потписник на писмото за поддршка на Македонија во нејзиниот пат кон членство во Алијансата во Конгресот на САД, посочил дека земјата дава голем придонес во меѓународните мировни операции. Со вашето присуство во ИСАФ, а сега и во „Одлучна поддршка“, потенцирал конгресменот, докажувате дека сте доверлив партнер и одговорен член на меѓународната заедница.

Во рамки на посетата, министерот Јолевски вчера остварил средби и во неколку највлијателни тинк-тенк организации – „Фондацијата Херитиџ“ и Институтот МекКејн. На средбата во фондацијата било укажано дека таа дава целосна поддршка за евроатлантските интеграции на Република Македонија, а особено во НАТО. За таа цел, членовите на Фондацијата се заложиле да ги презентираат аргументите на Република Македонија за членство во НАТО на конгресмените и сенаторите во САД.

Теми на разговор на вчерашните средби на делегацијата, чиј дел беше и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски била и мигрантската криза и справувањето со предизвиците кои таа ги носи, како и геополитичките случувања во контекст на состојбите на Блискиот Исток и Украина.

Во текот на денешниот ден, најави МО, ќе се одржат и билатерални одбранбени консултации помеѓу Македонија и САД.