Предавање на акредитивни писма од страна на новоименуваните амбасадори на Куба, Венецуела и Лаос

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Куба, на Боливарска Република Венецуела и на Народна Демократска Република Лаос.

На свеченоста на предавањето акредитивни писма на новоименуваниот амбасадор на Република Куба за Република Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. г. Педро Пабло Сан Хорге Родригез, претседателот Иванов истакна дека постои интерес билатералните односи да се развиваат на повисоко ниво од досегашното, нагласувајќи дека Република Македонија придава исклучително значење на успешниот развоен тренд на односите со државите од Централна и Латинска Америка, а особено на натамошното унапредување на сèвкупните односи со пријателска Куба, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Ја користам оваа пригода да го поздравам повторното воспоставување на дипломатските односи меѓу Куба и Соединетите Американски Држави, чин што го отвора патот за натамошен развој, просперитет и благосостојба за кубанскиот народ, поради што и наиде на огромна поддршка од меѓународната заедница, изјави претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор на Куба изрази уверување дека во наредниот период ќе работи на потпишување договор за политички консултации кој овозможува посети помеѓу официјални претставници од двете земји за да се евалуира напредокот во билатералните односи на систематски начин, како и да се истражат можностите за соработка кои потенцијално постојат во областа на образованието, културата, здравството, фармацевтската индустрија и други области, рече г. Родригез.

На свеченоста на предавањето акредитивни писма на новоименуваниот амбасадор на Боливарска Република Венецуела за Република Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. г-ѓа Ориета Капони, претседателот Иванов изрази надеж дека во наредниот период ќе следат конкретни активности во повеќе области од заемен интерес во зајакнувањето на пријателските односи меѓу двете држави.

„Длабоко сум уверен дека пред нашите две земји, со големо културно и историско наследство, претстојат можности за унапредување на соработката, како на билатерален, така и на мултилатерален план“, рече претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор на Венецуела, г-ѓа Ориета Капони, истакна дека од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу двете земји во 2002 година, таа е првиот назначен амбасадор.

„Токму заради тоа, моја примарна цел е развивањето и негувањето на пријателски односи и соработка од областа на политиката, економијата, трговијата, техничкото образование и културата врз основа на заедничките интереси на двете земји“, истакна г-ѓа Капони.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Лаос за Република Македонија, со седиште во Виена, Н.Е. г. Поукао Помавонгса, се констатираше дека постојат можности за изнаоѓање нови форми и содржини кои ќе ги збогатат односите и соработката меѓу двете држави.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

Cuba venzuela1 Laos