На средбата на коалицијата за борба против насилниот екстермизам, иницијатива на САД за борба против Исламската држава на Ирак и Сирија (ИСИС/ИСИЛ), македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски изјави дека Македонија ќе продолжи да придонесува во активностите за обезбедување мир на Блискиот Исток. Во меѓувреме, грчкиот премиер Алексис Ципрас ја бојкотираше средбата на коалицијата, поради именувањето на Македонија под уставното име.
„Имаме добра позиција како земја која има можност да придонесува и е дел од коалицијата во борбата против екстремизмот и различните манифестации на тероризмот. Во рамките на Обединетите нации, Македонија има добра позиција да ги афирмира овие цели и од улогата што ја имаме во регионален контекст како претседавач со Централно Европската Иницијатива. Мислам дека повеќето од дискусиите што досега се одвиваа и на билатерално и на мултилатерално ниво водат кон тоа дека ќе се очекува зголемен ангажман. Од македонска страна таква порака сигурно ќе произлезе и ние дополнително ќе бидеме поактивни во овој дел“, изјави Министерот Попоски во Њујорк за Македонската Телевизија.
За време на средбата, земјите членки на коалицијата се заложија за поголема соработка во борбата против насилниот екстремизам, што значи и навремена размена на информации за движењето на странските борци. Соединетите Американски Држави воведоа финансиски санкции против 15 поддржувачи на ИСИС, а во Европа е формиран Европски форум на социјалните мрежи за спречување на регрутирањето преку интернет. Коалицијата од 60 држави доби три нови земји членки, Тунис, Нигерија и Малезија. Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун најави дека на идното генерално собрание ќе претстави План за глобална борба против насилниот екстремизам до сите земји членки на светската организација.
Куриозитет на средбата беше тоа што Грција одби да учествува на состанокот, затоа што Република Македонија беше примена под уставното име, а не под времената референца. Грција побарала од САД, на чија иницијатива се формираше коалицијата против ИСИС, Македонија годинава да учествува под времената референца, иако при основањето на коалицијата Македонија стана член под уставното име. Ова грчко барање било одбиено. Поради тоа, грчкиот премиер решил да не учествува на состанокот во Њујорк, на кој Грција требало да биде присутна како набљудувач, без можност да земе збор или да вложи протест поради именувањето на Македонија.
Претседателот на САД Барак Обама го отвори состанокот на коалицијата во вторникот, придружуван од генералниот секретар Бан Ки-мун и ирачкиот премиер Хајдар ал Абади.
„Насилниот екстремизам не е поврзан само со една религија. Никој не треба да биде прогонуван поради религијата. Сепак мора да признаеме дека ИСИЛ ги регрутира муслиманите во светот, особено луѓето коишто се збунети или имаат проблем со нивниот идентитет. Во сите наши држави мораме да продолжиме да градиме вистинско партнерство со муслиманските заедници базирани на доверба и соработка“, изјави Обама.