Проект „Континуирано усовршување на наставниците по физичко образование”

Четврта година по ред Агенцијата за млади и спорт, во соработка со Бирото за рзавој на образованието и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, го реализира проектот за континуирана едукација на наставниците по физичко и здравствено воспитание во основното и наставниците по спортски активности од средното образование.

Овој проект е во насока на поддршка на човековите ресурси кои го реализираат обемниот и сложен систем на училишниот спорт и наставата по физичко воспитание.

По тој повод денеска директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Марјан Спасески го посети Факултетот за физичко образование, спорт и здравје каде започна новиот циклус обуки за наставниците.

„Овој проект треба да овозможи подобрување и подигнување на квалитетот на наставата по предметот физичко воспитување воопшто и приближување до квалитетот на физичкото образование кое постои во земјите членки на Европската унија и е во функција на здравјето на учениците. Главна цел на програмата е усвојување и примена на современите достигнувања на науката и практиката заради остварување на целите и задачите во физичкото и здравственото образование и воспитание, односно подобрување на квалитетот на часовите по физичко“, изјави Спасески.

Со годинашните обуки опфатени се вкупно 1.000 професори и одделенски наставници од цела Македонија, а АМС од својот буџет за овој циклус обуки обезбеди 500 илјади денари.

Директорката на Бирото за образование Весна Хорватовиќ потенцира дека часот по физичко е од исклучителна важност за учениците.

„Останатите предмети најчесто се со седечка позиција, а знаеме дека за развојот на младите луѓе многу важна е физичката активност. Затоа, наша преокупација е постојано да ги едуцираме наставниците, постојано да ги набљудуваме и да бидеме на терен со цел часовите за физичко и спорт да бидат наменети за спортување и да не бидат заменувани со други часови“, рече Хорватовиќ.

Од Бирото за развој на образованието не ја исклучија можноста во иднина часовите по физичко воспитание за учениците од прво до петто одделение да ги држат специјализирани наставници кои го завршиле Факултетот за физичко образовани, спорт и здравје.

ams_ffk_web_2

Извор: МИА