Македонскиот туристички производ за прв пат промовиран на саемот за туризам во Париз

Во согласност со програмата на Владата на Р.Македонија за отварање на нови туристички пазари и зголемувањето на субвенциите за поголем број држави од каде имаме сериозни сигнали дека со тоа зголемување би обезбедиле поголем број на туристи кои би престојувале во Македонија, македонскиот туристички производ е промовиран за прв пат на саемот за туризам “IFTM-Top Resa” во Париз, Франција кој се одржува од 29-ти септември до денес.

Во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот саемското туристичко претставување е на модерен штанд на кој се истакнати главните туристички дестинации на Македонија, брошури на француски јазик и во текот на сите денови за сите посетители на македонскиот штанд се организира дегустација на вина и сирења од нашата земја.

Директорот на АППТРМ, Кристијан Џамбазовски оствари бројни состаноци со француски тур оператори од кој најзначаен е состанокот со претсавници на ТУИ Франција, заинтересирани да почнат да ја нудат Македонија како нова туристичка дестинација во нивните продажни мрежи низ Франција што би претставувало сериозен напредок кон зголемување на туристите од оваа земја.

АППТРМ од 2013 година започна со промоција на Македонија како нова и атрактивна туристичка дестинација на францускиот пазар. Македонија во последниве неколку години беше посетена од голем број француски новинари и истите објавија голем број на репортажи во следниве медиуми: Le QUOTIDIEN du TOURISME, TRAVEL MAGAZINE, L’ECHO TOURISTIQUE, METRO NEWS, VOYAGER PRATIQUE, Le GENERALISTE, La VOIX du NORD, INFOTRAVEL, HORS CIRCUIT, RADIO FRANCE INTERNATIONAL, PLEINE VIE, FLAIR, LE SOIR, TELERAMA TV Magazine. Исто така АППТРМ организираше и информативно патување за следниве тур оператори од Франција: ALEST Voyages, INTERMEDES, ARTS & VIE, KUONI, VERDIE VOYAGES, JET TOUR и истите веќе ја нудат Македонија како туристичка дестинација на француските туристи. Директна линија Скопје-Париз со WizzAir е одлична можност за промоција на Скопје како “City breack” дестинација, Охрид идеално место за одмор, вински тури низ Македонија и земја со богато природно, културно и историско наследство.

„IFTM Top Resa” има 37-годишна историја, основана е во 1978 година најпрво во Довил, а од 2008 година се организира во Париз и ги опфаќа сите основи на патувањето: бизнис, забава и настани. Секоја година учествуваат 29,480 туристички професионалци, 1.200 туристички брендови, 348 штандови, 160 светски дестинации, 1000 претставници на медиумите и новинари и 17 министерства за туризам.

paris 2