Овој меѓународен фестивал полека, но, сигурно изгради сериозна репутација во нашиот регион и пошироко. Фестивалот „Денови на комедијата“ кој е најстар фестивал од овој вид во нашата земја, веќе 18 години ја негува традицијата на претставување на квалитетни театарски дела од можеби најспецифичниот жанр во театарската уметност–комедијата, жанр кој бара исклучително знаење, искуство и инвенција од театарските уметници, истакна министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на отворањето на Фестивалот.
На годинешново издание на „Деновите на комедијата“ кое ќе се оддржи од 1 до 18 октомври во Куманово ќе бидат изведени 15 театарски комедии, 11 претстави од Македонија и 4 остварувања на театрите од Босна и Херцеговина, Косово, Бугарија и Србија.
„Навистина радува фактот што на фестивалот ќе се претстават нашите домашни ансамбли, Театарот Комедија, Битолскиот, Велешкиот, Турскиот, Прилепскиот, Охридскиот театар кои ќе изведат дела и на четири македонски автори на комедијата како Коле Ангеловски, Мони Дамевски, Љупчо Тодоровски и Горјан Милошевски. Уверена сум дека програмата на фестивалот кој и оваа година има ревијален карактер ќе ја збогати културната понуда во Куманово имајќи предвид дека сите театарски остварувања кои сена програмата имаат навистина позитивни критики и од публиката и од стручната јавност“, истакна министерката за култура.
Куманово, додаде таа, заслужува еден фестивал од ваков ранг, заслужува богат културен живот кој ќе ги задоволи вкусовите на сите генерации и кој ќе овозможи еден интензивен културен развој на општината.
Досега на сцената на оваа манифестација продефилираа голем број театарски ансамбли, кои на публиката и ги доближија култните дела на Аристофан, Плаут, Држиќ, Шекспир, Молиер, Џорџ Бернард Шо, Нушиќ и многу други.
„Овој фестивал стана вистински празник за љубителите на комедијата, за граѓаните на Куманово за кои „Деновите на комедијата“ се секогаш убава можност да се насмеат, да се разонодат надвор од секојдневието“, рече Канческа Милевска.
Ги поздрави и залагањата на сите вклучени во орагнизација на овој фестивал кои, како што рече, со голем ентузијазам и посветеност го вложија својот ангажман во неговиот развој.