Попоски на Седумдесетто заседание на Генералното собрание на ОН

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, кој е во Њујорк на седумдесетото заседание на Генералното собрание на ОН, организираше работен ручек на министрите за надворешни работи на земјите членки на Централно европската иницијатива (ЦЕИ). За време на разговорите беа разменети мислења за имплементацијата на Резолуцијата на Генералното Собрание на ОН за јакнење на соработката меѓу ОН и ЦЕИ, особено на линија на воспоставување редовни годишни состаноци меѓу ЦЕИ и другите регионални организации и агенции на ОН активни во ЦЕИ регионот. Исто така, беше поздравена Заедничката изјава на земјите членки на ЦЕИ за поддршка на пост 2015 Развојната агенда, со која се зголемува визибилитетот на ЦЕИ во рамки на ОН, приложена од страна на Република Македонија во име на Иницијативата.

Воедно, на состанокот стана збор и за мигрантската криза која претставува предизвик за голем број членки на ЦЕИ, како и за други прашања од регионален интерес. Работниот ручек беше искористен и за размена на мислења за претстојните активности во рамки на македонското претседавање со ЦЕИ, како Парламентарното собрание на ЦЕИ, Самитот на премиерите на земјите членки на ЦЕИ, како и за превземањето на претседавањето од страна на Босна и Херцеговина идната година.

Министерот Попоски исто така зеде учество на Настанот на високо ниво, „Мировни операции на ОБСЕ.” Тој нагласи дека ОБСЕ продолжува да има специјална улога во потполна синергија со другите меѓународни и регионални актери во резолуцијата на кризи и конфликти во областа на ОБСЕ, а засновани на платформата за безбедносна соработка и други релевантни ОБСЕ документи. Дејствијата на меѓународната заедница во југоисточна Европа беа одличен пример за добрата поделба на труд и координација помеѓу ОБСЕ и други меѓународни актери – пред се, ОН, НАТО и ЕУ,” потенцираше министерот Попоски. „Оваа соработка придонесе кон понатамошен развој на компаративната предност на ОБСЕ. Во овој контекст, Македонија е спремна да ги сподели своите позитивни искуства во превенцијата на конфликти и помирување во рамка на меѓуетнички и мултирелигиозно општество.”

На крај, министерот Попоски имаше свое обраќање на Дебатата на високо ниво на тема: „Одржување на меѓународниот мир и безбедност” во рамки на Генералното собрание на ОН. Тој подвлече дека „треба да се фокусираме на зајакнување на капацитетите на Обединетите нации да дејствува превентивно, наместо да се справува со последиците. Тоа значи дејствување кај корените на конфликтите и навремено справување со нив.”