Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски за време на денешната посета на село Лисиче во општина Чашка, имаше средба со граѓани, меѓу кои и со пензионери кои изразија задоволство од измените на Законот за пензии со кои се овозможи зголемување на пензиите за 5 проценти за 2016 година.
„Владата на РМ во изминативе 6-7 години посвети особено внимане на пензионерите како посебна социјална група. Во периодот од 2006 до 2014 година пензиите се зголемени за околу 70 проценти и ако во 2006 година просечната пензија изнесувала 7.683 денари денеска таа е 13.085 денари. Со последното зголемување во 2016 година пензиите ќе се искачат на 13.735 денари“, рече вицепремиерот Пешевски.
Собранието во скратена постапка вчера на седница ги усвои измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и на Законот за социјална заштита со кои се предвидува покачување на пензиите и на социјалната помош за 2016 година. Инаку, пензионерите веќе од понеделник ќе ги добијат пензиите за септември зголемени за 5 проценти.