На 6-ти октомври (вторник) во Охрид, ќе се одржи меѓународна конференцијата „Миграција на море: перспективи на меѓународно право и регионални пристапи“. Конференцијата ја организира Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во соработка со меѓународниот проект MARSAFENET – Network of experts on the legal aspects of Maritime safety and security (www.marsafenet.org), во којшто е вклучена Република Македонија преку Правниот факултет – Штип.
Излагачите на конференцијата ќе бидат од редот на правни експерти од меѓународни организации (како Европската агенција – ФРОНТЕКС и Меѓународниот институт за поморско право при Меѓународната поморска организација), професори од неколку Европски и Македонски универзитети и претставници од невладиниот сектор во Република Македонија, кои ќе дискутираат за меѓународните правни перспективи и регионални пристапи на феноменот ‘миграција на море’, со посебен фокус на тековната миграциска криза во Медитеранскиот регион.
Поточно, ќе бидат допрени темите како предизвици и перспективи за нелегалната миграција, спасување на море и меѓународна одговорност за државите, заедничките поморски мисии на Европската унија, заштитата на мигрантите и на бегалците, хуманитарните аспекти на бегалската криза, кризата и безбедносните аспекти на Балканот и во Република Македонија и ќе се презентира т.н. Повелба на Неапол како водич за приватните и јавните ентитети во однос на Медитеранската мигрантска криза.
Конференцијата претставува дел од многуте активности реализирани во рамките на проектот MARSAFENET, меѓу кои се вбројуваат некои од досегашните конференции оддржани во Рим, Порто, Брисел, Сивиља, Глазгов, Неапол, Лондон, Рованиеми и други. Конференцијата е од особено значење, затоа што за прв пат се организираат активности од ваква природа во Република Македонија – како земја која нема излез на море, а е дел од Меѓународната конвенција за правото на морето на Обединетите нации.
На конференцијата се очекува присуство на претставници од амбасадите во во Република Македонија, но и од Република Албанија, претставници од државните институции, од меѓународни организации и невладини организации во Република Македонија, претставници од универзитетската фела и студенти.