Четириесет и пет дела од 42 автори се избрани на вториот конкурс на Министерството за култура за откуп на визуелни уметнички дела и 18 скулптури на 15 автори се избрани на конкурсот за откуп на скулптури од галериски формат.
Пристигнале вкупно 128 пријави за 313 ликовни дела, а на конкурсот за откуп на скулптури биле доставени 42 пријави за 97 дела. Изборот според утврдени критериуми го направи стручна комисија, во состав: Викторија Васева-Димеска, Маја Неделковска-Брзанова, Сафет Ахмети и Конча Пирковска, а резултатите денеска на прес-конференција ги соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
За овој проект Министерството за култура намени 6 милиони денари. Највисокиот износ за откуп на уметничко дело на вториот конкурс е 5.000 евра.
Целта на проектот, кој Министерството го почна минатата година со првиот конкурс на кој беа откупени 64 ликовни дела на 60 македонски автори, е да се збогатат фондовите на националните установи – Музејот на современата уметност, Националната галерија на Македонија и на останатите институции од областа на културата.
Канческа-Милевска истакна дека авторите на делата кои се откупени се уметници кои дале исклучителен,индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Македонија, учесници на значајни групни изложби или манифестации во земјава и во странство, како и дела од млади уметници со истакнат ликовен израз.
Меѓу авторите чии дела се откупени на вториот конкурс се: Томо Шијак, Драгутин Аврамовски-Гуте, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Вангел Наумовски, Нове Франговски, Јован Шумковски, Благоја Маневски, Коле Манев, Ацо Станковски, Нехат Беќири, Сергеј Андреевски, Ирена Паскали, Јасминка Новковска, Данчо Ордев…, а на конкурсот за откуп на скулптури откупени делата на: Јордан Грабуловски, Стефан Маневски, Илија Аџиевски, Александар Ивановски-Карадаре, Васил Василев, Станко Павлески, Исмет Рамиќевиќ, Беди Ибраими, Жарко Башески…
„Откупот на уметничките дела несомнено се покажа како вистински модел за поддршка на македонските автори и македонското творештво. Токму со оваа стимулативна мерка, на долг рок, верувам дека ќе се унапредат состојбите во ликовната дејност кај нас, ќе се овозможи дополнување на музејските збирки на нашите институции со вредни содржини, а воедно авторите ќе се стимулираат да создаваат поголема и поквалитетна продукција на дела“, рече министерката за култура и соопшти дека до крајот на годинава ќе бидат објавени и новите конкурси за откуп на ликовни дела и скулптури од мал галериски формат за 2016 година.
Таа нагласи дека ликовната сцена во Македонија се поддржува и со други проекти преку Годишната програма на Министерството за култура, со поддршка за претставување на македонските уметници на домашни и на меѓународни манифестации и за гостување во културните центри во Софија и Њујорк, како и во ателјето во Париз. Секоја година се зголемува и буџетот за ликовната дејност.
Членовите на комисијата што ги избра делата за откуп го поздравија овој проект зашто со него значајно се збогатен и колекциите на институциите од културата.
Викторија Васева-Димеска рече дека комисијата ги почитувала побарувањата на институциите и според нив избрала дела соодветни за музејските и галериските збирки.
„На предлог-листите на комисијата приоритет имаат значајните творечки остварувања од врвни македонски автори,дела кои со години чекаат на откуп, а се изложени во постојаните поставки или се дел од презентирањето на годишните проекти на институциите. Исто така, овој проект им дава стимул и на помладите автори и е можност да се приберат и делата од приватните збирки, кои најчесто ги менуваат сопствениците, а со тоа неретко им се губи трагата,“ рече Васева-Димеска.
Конча Пирковска апелираше до младите автори во поголем број да се пријавуваат на конкурсите за откуп затоа што и овојпат, како што рече, имало малку пријави од помладата генерација уметници.