Солидарни и со помош на ЕУ до заедничка борба против новиот феномен

Европската унија ќе ја помогне финансиски, но и советодавно секоја земја на мигрантската рута, со цел олеснување при приемот на бегалците од Арапскиот свет, се вели во заклучокот од Декларацијата донесена по денешната конференција „Источен Медитеран – Западен Балкан” за правецот на транзит на мигрантите.

Како што јавува дописникот на МИА од Луксембург, Република Македонија, која е во центарот на мигрантската рута, ќе има достапност до 300 милиони евра дполнителна хуманитарна помош од ЕУ, заедно со останатите земји од соседството на Сирија, Турција, Грција, Србија и Унгарија.

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, кој денеска ја претставуваше нашата земја на овој, како што рече луксембуршкиот шеф на дилпломатијата Жан Аселборн – историски состанок, при својот настап пред министрите за внатрешни и надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, земјите од Шенген-зоната и од процесот на проширување, рече дека треба европска солидарност, за сите обединети да застанат заедно за да ја решат оваа криза.

„Првата тема за која разговаравме е изворот на проблемот, кој најверојатно во кус временски период нема да биде разрешен. Втората тема е транзитната рута каде што Македонија е директно погодена. Тука беа упатени јасни пораки дека Европа има намера да го смени досегашниот прстап во кој секоја земја ги решаваше проблемите на своја територија. Третата клучна порака што беше упатена е дека сите напори ќе бидат насочени кон надворешните граници на ЕУ. Тоа за нас е на некој начин гаранција дека квотите ќе може да се распределуваат по влезот на бегалците во Европската унија, односно во Грција. Тоа би требало на некој среден рок да го намали притисокот врз грчко-македонската граница“, посочи министерот Попоски во изјава за МИА по денешната конференција.

За најавената помош од 300 милиони евра за сите земји на мигрантската рута, вклучително и Македонија, македонскиот министер речедека и досега имаше повеќе ветувања за средствата што треба да бидат насочени во овој дел.

„Она на што ние бевме најпосветени е да не се сметаат само трошоците што досега ги имаа нашите институции, туку и индиректните трошоци што се однесуваат во делот на туризмот, економската активност, притисокот врз нашиот транспортен капацитет и се она што подразбира секундарни ефекти од миграторската криза,“ посочи Попоски.

На почетокот во Декларација што се донесе од денешната конференција, се наведува дека во последните години има драматично зголемување на протокот на бегалци и мигранти кон земјите-соседи на Сирија, како и потоа по должината на рутата на Источниот Медитеран и Западниот Балкан и дека поголемиот дел од овие лица се со потреба од меѓународна заштита. Ова, според Декларацијата, ги става под силен притисок најпогодените земји, кои трпат сериозни хуманитарни последици и наметнува значајни предизвици за гранично управување и системи за азил, како и безбедносни предизвици.

На прес-конференција, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, напомена дека заедно со комесарот за преоговри за проширување Јоханес Хан разговарале за тензиите на Западен Балкан, што се изродија од мигрантската криза, со сите лидери на земјите од тој регион за да ја смират ситуацијата колку е можно и да се избегне вербална или невербална ескалација во тој дел од Еворпа, што според неа е опасно.

„Позитивна точка во однос на бегалци и Западен Балкан е дека меморијата на војната и што значи да си бегалец е свежа и емоциите и подготвеноста да пречекаат и заштитат луѓе во овој регион постојат. Но, негативна точка е дека тензиите се уште се свежи и балансот е деликатен. Морам да кажам во однос на ова дека состанокот вечерва е почетна точка оти регистрирав околу маса, посебно меѓу ЕУ и не-ЕУ земји од Западен Балкан, подготвеност да се има нов старт во односи кои мора да се соработливи, да го менаџираат бегалскиот наплив, границите, приемот, помошта и се друго околу овој феномен. Пораката од вечерва од земјите од Западен Балкан е волја да се има подобра соработка и очигледно нешто на што ЕУ како таква не само охрабрува, туку и поддржува“, посочи Могерини.

А, во обемната вечерашна Декларација, понатаму се наведува дека меѓународна заштита и помош мора да се даваат и на сите оние кои имаат право на тоа, со целосно почитување на принципот на невраќање. Паралелно со ова, илегалните мигранти кои немаат потреба од меѓународна заштита, се вели дека мора ефикасно да се вратат во нивните земји на потекло, во согласност со постојните и идните договори, како и заеднички договорените аранжмани.

„Релевантните правила на преминување на границите мора да се почитуваат, со цел да се обезбеди безбеден и добро менаџиран сообраќај. Неправилното преминување на границите е закана за безбедноста и поттикнува организиран криминал. Ефикасно управување на границите и борбата против организираниот криминал одговорен за криумчарење на мигранти и трговија со луѓе се од суштинско значење. Затоа е важно да се засилат нашите заеднички напори во насока на воспоставување на сеопфатно управување со границите“, се вели во Декларацијата.

ЕУ признава дека се соочува со заеднички предизвик со земјите-партнери и дека треба да се одговори колективно со солидарност и оти треба да се зголеми ангажманот на пошироката меѓународна заедница со Јордан, Либан и Турција во првите редови на напорите.

„Ние им честитаме за нивната широкоградост во пречекувањето и адресирањето на потребите на повеќе од четири милиони сириски бегалци, како и на земјите од Западен Балкан, Србија и БЈР Македонија, кои се дел од транзитните правци за бегалците и мигрантите кои се упатуваат кон земјите-членки на ЕУ и кои ќе бидат домаќини на лицата со потреба од меѓународна заштита. Ние ја цениме помошта што им се обезбеди на повеќе илјади лица кои имаат потреба од меѓународна заштита и нивната подготвеност за целосно преземање на нивните надлежности, вклучувајќи и реадмисија на своите државјани со тоа што се безбедни земји на потекло“, се вели во Декларацијата.

Сите земји-учесници на денешната конференција, се согласија дека колективна одговорност мора да биде преведена во колективна акција и дека солидна основа за тоа се договорите за стабилизација и асоцијација, земјите од проширувањето или соседството кои се во цврсти односи со Брисел.

Како клучни активности во Декларацијата, наведена е поддршка на Јордан, Либан и Турција преку економски иницијативи, вклучително и придонес за приватниот сектор, како и поддршка за националните економии и јавна инфраструктура што се силно оптоварени со масовен прилив на бегалци и постојаното присуство на голем број бегалци. Врз основа на ова, ќе продолжи да се обезбедува итна и принципиелна хуманитарна помош и помош за развој, подобрување на пристапот до образование, вклучувајќи високо образование и стручна обука, подобрување на пристапот на бегалците до пазарот за вработување, подобрување на издржливоста и егзистенцијата. Исто така, предвидено е и подобрување и споделување на собирање на податоци, следење на движењата на населението, проценки за заеднички потреби, мапирање и анализа на социо-економското влијание.

Според Декларацијата, предвидена е и поддршка на земјите погодени од транзитот на бегалците, со обезбедување на оние од непосредната прва линија на принципиелна хуманитарна помош, како што се храна, засолниште, здравствена заштита, психо-социјална поддршка, заштита, вода и канализација за бегалците, барателите на азил и мигрантите што транзитираат. За транзитните земји како Грција, Македонија, Србија и Унгарија се планира подобрување на приемот и сместувачки капацитети, за да се осигура дека бегалците и мигрантите на достоинствен начин ќе бидат обезбедени со потребните информации за упатување и помош, вклучувајќи и правна помош, за да добијат регистрација и пристап до основните услуги, прилагодени за поддршка на најранливите.

– Подобрување на капацитетите за управување со границите и да се обезбеди навремена регистрација на сите бегалци и мигранти и ефикасна, брза и квалитетна обработка на барањата за азил, со целосно почитување на човековите права и во согласност со меѓународните стандарди. Поддршка за брзо враќање во нивните земји на потекло на лица кои немаат право на меѓународна заштита, со целосно почитување на принципот на невраќање. Подигање на свеста и теренски активности на локално ниво за да се спречат тензиите и контра-ксенофобија. Подобрување на регионалната координација и размена на информации, вклучувајќи и преку националните органи и други меѓународни и регионални актери, за подобра координација на управувањето со миграциските текови, се наведува во Декларацијата.

Со цел да се обезбеди подобра кохерентност во управувањето со миграциските текови, регионална соработка за гранично управување ќе бидат поттикнати, како и подобрување на полициската и судската соработка, вклучително и собирање разузнавачки информации, споделување и анализа, како и градење на капацитетите за спроведување на законот и судските органи, со посебен фокус на спроведувањето на финансиските истраги. Се бара да се ​​обезбеди поддршка и заштита на жртвите на шверцот со мигранти и трговија со луѓе, со посебно внимание на ранливите групи, како што се жените и децата и подобрување на соработката со релевантните агенции на ЕУ и меѓународните организации (Фронтекс, Европол, Еуроџаст, Интерпол) што го прави најдобро искористување на постојните регионални аранжмани.

Денеска е договорено и ангажирање со земјите на потекло на илегалните мигранти, подобрување на соработката со земјите на потекло на илегалните мигранти, мобилизирање на сите инструменти и процесите на дијалог, со цел да се постигне целосна и ефективна имплементација на меѓусебните обврски, вклучително и преку договорите за реадмисија. Поддршка помогната со програми за доброволно враќање, како и програми за реинтеграција да се олесни враќањето на мигрантите кои немаат право на меѓународна заштита во нивните земји на потекло, со целосно почитување на меѓународните стандарди за човекови права и принципот на невраќање.

„Ние се заложуваме за понатамошно ангажирање на пошироката меѓународна заедница во обидот да се најде политичко решение за сирискиот конфликт и подобрување на финансиската поддршка, како и можности за преселување и други форми на хуманитарен прием за решавање на бегалската криза и ќе потсетиме на важноста на почитувањето на меѓународното хуманитарно право. Ја поздравуваме понудата на Норвешка, Германија и Велика Британија да бидат домаќини на почетокот на следната година на конференција на меѓународните донатори за да им се помогне на Сиријците раселени од војната.

А, во однос на поддршката од Европската унија, тоа се планира преку зголемување на финансиските средства и техничка соработка преку Фронтекс, ЕКПА, Европол и Евроџаст. Притоа, ЕУ ќе ги користи финансиските инструменти на располагање во рамките на процесот на пристапување и стабилизација и асоцијација, вклучувајќи од Инструментот за претпристапна помош (ИПА), за да се зајакне соработката со земјите-кандидати и потенцијални кандидати и да се обезбеди поддршка за нивните напори.

ЕУ ќе ја зголеми своето хуманитарна финансирање во Сирија и Ирак, како и да одговори на брзорастечките потреби во соседните земји и оние кои се на пат на Источниот Медитеран и Западниот Балкан, имајќи ги предвид менувањето на природата. Помошта ќе биде обезбедена преку партнерски организации, вклучувајќи ги и агенциите на Обединетите нации, меѓународни организации и национални и меѓународни невладини организации, во координација, кога е соодветно, со локалните власти. Дополнителна поддршка може да се обезбеди преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Проширување на опсегот на Фондот за Западен Балкан се предлага и дополнителни придонеси и истите се разгледуваат. Посебни предизвици предизвикани од страна на голем број на баратели на азил кои доаѓаат од земјите од Западен Балкан ќе бидат опфатени во претстојниот Министерски совет со Совет за правда и внатрешни работи “ЕУ-Западен Балкан”, вклучително и преку конкретни и соодветни мерки во однос на сите аспекти на овој феномен“, се наведува во Декларацијата.

На крајот, се напоменува дека високи официјални претставници на учесниците ќе се состанат за продолжение на оваа Декларација во почетокот на 2016 година.