Продолжуваат едукативните работилници за интензивирање на имплемнетацијата на HACCP во угостителството

Агенцијата за храна и ветеринарство ги продолжи активностите од Акциониот пан за интензивирање на имплементацијата на HACCP во угостителските објекти со одржување на едукативна работилница за операторите со храна од Кочанскиот регион. Пред повеќе од триесеттина претставници од операторите со храна од угостителскиот сектор, детски градински и училишни кујни од Кочани, берово, Виница и Делчево, презентирани беа основите на HACCP системот во угостителството и претставен беше Водичот за ХАСАП принципите за операторите со храна особено во угостителската дејност кој го подготви Здружението на хотелиери на Македонија – ХОТАМ во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство со цел да им помогне на операторите со храна од овој сектор во имплементацијата на овој систем за безбедност на храната.

Ленче Јовановска, раководител на Секторот за храна од неживотинско потекло во Агенцијата пред присутните учесници на работилницата истакна дека основата на примената на HACCP во угостителството се предусловните програми кои треба да се имплементираат за да може овој систем за безбедност на храната успешно да функционира. Неминовна е соработката со институциите на системот, со цел со заеднички напор да се отстранат сите недоумици и евентуални недоследности кои може да се јават при имплементирањето на овој систем за безбедност на храната.

На работилницата, операторите со храна беа запознаени со новите правуила за означување на храната кои во земјава ќе почнат да се применуваат од идниот месец и кон кои ќе мора да се придржуваат компаниите кои пласираат производи и на домашниот пазар.

Лидија Дамевска, раководител на Секторот за стручна поддршка во Агенцијата, ги информира операторите дека на сила е Правилникот за информации поврзани со храната во кој се содржани основите на новиот начин на означување на храната кој треба да го применуваат тие од идниот месец. Со новите правила, додаде таа, задолжително ќе треба да биде означено името на производот, нутритивната табела и составот на производот каде ќе мора да бидат наведени сите алергени доколку ги содржи конкретниот производ.

Минималната големина на буквите, објасни дамевска, треба да биде 1,2 милиметри со цел да бидат видливи за потрошувачите кои ќе се информираат за производот што сакаат да го купат. Производот ќе може да содржи и доброволни информации.

Агенцијата за храна и ветеринарство во наредниов период ќе одржи уште 11 едукативни работилници со операторите со храна во сите поголеми градови во земјава согласно дефинираниот Акционен план, на кој покрај основите на HACCP ќе бидат презентирани и новините во означувањето на храната.