Честитка од претседателот Иванов по повод 11 Oктомври – Денот на народното востание

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на државниот празник 11 Oктомври – Денот на народното востание.

„Почитувани,

На сите граѓани на Република Македонија им го честитам празникот 11 Oктомври – Денот на народното востание, ден на македонската борба за слобода, значаен ден за македонската државност.

Одбележувајќи го овој значаен датум од македонската понова историја им оддаваме почит на сите учесници во Народноослободителната борба која го симболизира македонскиот непокор и вековитиот стремеж за слобода.

Во Прилеп и Куманово започна борбата на нашите дедовци и татковци, продолжувачи на делото на славните илинденци, кои со своите дела ни оставија обврска и аманет за зачувување на независноста и самостојноста на Република Македонија натопена во крвта на паднатите херои.

Затоа ќе истраеме сплотени и обединети, бранејќи ги највисоките македонски интереси пред кои сме соочени денес. Предизвиците ќе ги совладаме како и во минатото, еден до друг, сите етнички заедници во земјава, Македонци и Албанци, Турци, Срби, Бoшњаци, Власи и Роми. Нашата традиција за соживот е нашето најдобро оружје во борбата за успешна и просперитетна држава.

Затоа ве повикувам сите заедно, сплотени, да ја градиме Република Македонија како дел од големото европско и светско цивилизациско семејство на кое природно припаѓаме и каде ја гледаме нашата иднина.

Нека ни е вечен Денот на народното востание!

Нека ни е вечна слободата!

Да живее Република Македонија!“– стои во честитката.