Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во име на Социјалдемократскиот сојуз и во свое име, на сите граѓани на Република Македонија го честита 11 Октомври, Денот на народното востание:
„Почитувани граѓани,
Овој голем државен празник, 11 Октомври, е темелник на вековни определби на граѓаните во Македонија за слобода, мир, за свој идентитет, своја држава, достоен пример дека со заедништво, целите се остварливи.
Пред 74 години, на денешниот датум, знајни и незнајни борци, со визија за слободна, независна и просперитетна Македонија, во Прилеп и Куманово, ја почнаа Народно-ослободителната борба.
По 74 години, на 11 Октомври 2015 година, денешните генерации со визија за слободна, демократска, економски стабилна земја, членка во евро-атлантското семејство, се пред испитите на исконскиот стремеж. Оваа визија денес е континуитет на надежта и вербата на паднатите борци дека некои други борци по нив ќе го продолжат патот кон безгрижна иднина за Македонија и за поколенијата што доаѓаат.
Ние денес, имаме обврска, имаме и шанса да одговориме на оставениот аманет.
Ве повикувам да се обединиме околу оваа цел.
Нека ни е среќен 11 Октомври почитувани граѓани!“– стои во честитката.