Во рамки на акцијата „Гора“ кривично пријавени уште шест лица за 11 кривични дела

Постапувајќи по ОА ГОРА, во текот на минатиот месец Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје до ОЈО Скопје во три поединечни случаи поднесе три кривични пријави против шест лица за сторени 11 кривични дела и тоа: три дела “кражба“ (чл.235 ст.3), по две кривични дела “помагање“ (чл.235 ст.3 в.в. со чл.24), “фалсификување или уништување деловни книги“ (чл.280 ст.1 и ст.2) и по едно дело “злоупотреба на службена положба и овластување“ (чл.353) и “помагање“ (чл.353 в.в чл.24 ). Притоа пријавените со сторените кривични дела причиниле штета од над 180.000 денари, додека пак безправно биле исечени 26 метри кубни огревно дрво.

Во првиот случај поднесена е кривична пријава против лицата Х.Л. (49) и Ф.Л. (38) двајцата од Скопје. Имено, пријавените од туѓа шума бесправно исекле дабово огревно дрво во количина од четир м3, по што иако знаеле дека дрвата не биле жигосани и дека не поседувале испратница за нивен транспорт, ги натовариле во ТМВ „Застава“ без регистерски број и се упатиле кон село Таор. Но набргу биле забележани од полициски службеници на ЕПОИ АЛФА и им била извршена контрола на возилото и огревните дрва кои што ги превезувале, по што откако било утврдено дека дрвата не се обележани со жиг и дека не поседувале соодветна документација, пријавените заедно со ТМВ и натоварените огревни дрва биле однесени во ПС ОН Гази Баба каде биле одземени ТМВ, и дрвната маса, а за настанот била известена шумска полиција. Од страна на шумската полиција на првопријавениот му е изготвени платен налог за наплата на глоба, записник за постапување на порамнување и пријава за прекршок. Со наведеното, пријавените ја оштетиле заедницата за 28.000 денари. Од извршените проверки во евиденцијата за моторни возила на МВР на РМ утврдено е дека ТМВ марка Застава не евидира во евиденцијата за моторни возила на МВР на РМ, а за истото возило првопријавениот известил дека го купил во отпад и дека не поседува рег. таблици, сообраќајна дозвола ниту договор за купопродажба на моторно возило.

Во вториот случај кривичнопријавени се лицата, С.С. (32) од Куманово, и Ј.Н. (27) од Скопје. Првопријавениот како управител на правно лице Друштво за производство, трговија и услуги „СОКОЛ-АРС КОМ“ ДООЕЛ с.Гошинце, општина Липково, противправно присвоил бесправно исечено, од туѓа шума, мешано огревно дрво, даб и габер во количина од 16 м3. Од таак количина 15 %, односно 2,4 м3 биле жигосани но со жиг со број што воопшто не фигурирал во документацијата на фирмата за набавка на таква дрвна маса. С.С. со намера да изврши легален превоз на бесправно исечената дрвна маса од неговиот склад за дрва во с.Гошинце до купувач од с.Сарај-Скопје, изготвил и со свој потпис и службен печат заверил испратница во која внел невистинити податоци дека наводно цела количина на дрва, односно најмалку 80 % е жигосано со жиг и дека ја издава за сметка на одобрение за сеча иако по истото немал извршено набавка на дрвна маса. Така изготвената испратница му ја дал на второпријавениот кој откако ги натоварил дрвата во ТМВ “Мерцедес“ сопственост на друго лице од Скопје, се упатил кон домот на купувачот, но на обиколницата во правец Радишани кон Мирковци бил забележан и запрен од страна на полициски службеници од ЕПОИ АЛФА. Притоа, при контролата Ј.Н. ја приложил невистинитата испратница како вистинска, како доказ дека превозот на дрвната маса е легален, но откако при увид во истата било утврдено дека натовареното огревно дрво е недоволно жигосано со јасно видлив шумски жиг и поради сомнение дека дрвата потекнуваат од бесправна сеча, веднаш била повикана шумска полиција од чија страна била извршена контрола и мерење на дрвната маса и од Ј.Н. била одземена испратницата и предадена на СВР Скопје – ЕЕКК. Второпријавениот од страна на ЕПОИ АЛФА бил лишен од слобода и приведен во ПС ОН Чаир, каде од него е одземено ТМВ и дрвната маса Со наведеното, пријавените ја оштетиле заедницата за 112.000 денари.

Во третиот случај кривична пријава е пондесена против лицата Ј.Џ. (44) за С.Ш. (45) и двајцата од Скопје. Првопријавениот како референт за користење на шуми и дотур (манипулант) во ШСЕ „Скопска Црна Гора“, ПШС Караџица Скопје при ЈП Македонски шуми – Скопје, ја злоупотребил својата службена положба и овластување овозможувајќи му на второпријавениот С.Ш легален превоз на над шест кубни метри прва класа на буково огревно дрво инаку претходно бесправно исечени. Истовремено Ј.Џ. искористувајќи ја својата службена положба делумно ги жигосал дрвата со жиг и изготвил и со свој потпис и службен печат заверил испратница во која внел невистинити податоци, дека наводно се превезуваат 5м3 дрво даб-мешано, а не 6,1 м3 бука „I класа“. Прито и издаденото одобрение за сеча што го изготвил Ј.Џ. содржело други имиња и се однесувало за сеча во друга катастарска парцела, а не за КП наведена во одобрението, како и дека превозник е Р.Ш. (сопственик на ТМВ) иако тој воопшто и не бил присутен на самото место. По ова С.Ш. со ТМВ се упатил кон Скопје, но на магистралниот пат Скопје-Блаце во близина на место викано Стенковец бил сопрен од страна на полициските службеници од ПС ОН Чаир. При извршениот преглед и контрола на возилото второпријавениот ја употребил предметната испратница како вистинита, но откако од страна на полициските службеници било утврдено дека натовареното огревно дрво нема доволно втиснати жигови, второпријавениот бил лишен од слобода и заедно со ТМВ и дрвната маса бил предаден во ПС ОН Чаир. Од страна на шумската полиција при ШПС – Скопје била извршена контрола и мерење на дрвната маса во ТМВ за што бил сочинет записник. Во ПС ОН Чаир од второпријавениот е одземено ТМВ заедно со огревното дрво и предметната испратница, истите се предадени на шумска полиција. Со наведеното, првопријавениот му овозможил на С.Ш. да се стекне со противправна имотна корист во износ од 17.507 денари а од друга страна за истиот износ го оштетил ЈП Македонски шуми-ПШС Караџица, а воедно двајцата пријавени ја оштетиле заедницата за износ од 42.700 денари по основ на причинета штета во шума за противправно исеченото огревно дрво.

Инаку во текот на август и септември годинава во рамките на оперативната акција Гора СВР Скопје поднесе вкупно 8 кривични пријави против 53 лица за постоење основи на сомнение за сторени 20 кривични дела. Само со сторените кривични дела за овие два месеци пријавените ги оштетиле заедниците за над 13 милиони денари, а бесправно биле исечени околу 1.872 метри кубни огревни дрва.