Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, денес во изјава за медиумите истакна:
„Ова денеска што се случи со неизборот на тимот на обвинители на специјалниот јавен обвинител, де факто значи дека Договорот од Пржино е прекршен. Исто така, прекршен е и Законот за специјалното јавно обвинителство за којшто впрочем се договаравме сите политички партии учесници во процесот на договарање. Сакам да ја информирам јавноста дека Социјалдемократскиот Сојуз се повлекува на консултации во партијата во однос на ова кршење и непочитување на Договорот. За нас договорот од Пржино веќе не е активен и не е во функција и во тој дух ќе соопштиме понатамошни наши чекори коишто ќе следат после консултациите во СДСМ.“– изјави Спасовски.
Медиуми: Постигнат е договор за Изборниот законик…
Спасовски: Сé друго е ирелевантно. Денеска има прекршување на Договорот, прекршување на закон и не сакаме да дозволиме повторно тоалет хартија од страна на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи Македонија веќе тоа не го заслужува.
Медиуми: Што ќе стане со сите оние закони што требаше да ги работите во работните групи, вклучувајќи ги и новите министри, заменици во преодната влада?
Спасовски: Дополнително реков дека после консултациите ќе ги соопштиме нашите ставови. Најстрашно и најжално за Македонија и за нејзината иднина е што повторно ВМРО-ДПМНЕ го прекрши Договорот и навистина, се покажа уште еднаш и се докажа дека освен партискиот интерес, не им е важен интересот на Македонија и на нејзините граѓани.
Медиуми: Можеме да ги очекуваме во текот на денешниот ден вашите консултации?
Спасовски: Штом ќе завршат консултациите ќе добиете став на СДСМ.