Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, денеска со купување прехранбени производи наменети за семејствата во социјален ризик се вклучи во хуманитарната акција што под мотото „Помислете и на нас трета година по ред ја организираат општина Охрид и општинскиот Црвен Крст а по повод одбележувањето на 16- Октомври, Светскиот ден и неделата за борба против гладта.
Градоначалникот Бакрачески ги повика сите охриѓани во рамки на своите можности да се вклучат во оваа хуманитарна акција.
„Во оваа прилика ги повикувам сите охриѓани, физички и правни лица, припадници на бизнис заедницата , секој во рамки на своите можности денес или во наредниве денови да се вклучат во акцијата. Во оваа недела за борба против гладта активностите се насочени кон прибирање финансиски средства и доброволни прилози наменети за набавка на прехранбени производи за подготовка на хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид. Сите заедно да направиме нешто за оние на кои им треба подадена рака, за будење на надеж дека не се сами, дека некој мисли на нив. Нашето малку односно учеството во акцијата со одредена сума од семејниот буџет за лицата од социјален ризик значи многу“ – рече градоначалникот Бакрачески и подвлече дека особено е важно ваквите хуманитарни акции да бидат што побројни и поефективни односно да го постигнат резултатот за кој што се организирани.
По повод одбележувањето на неделата за борба против гладта, општина Охрид подготви и 60 пакети со прехранбени производи. Согласно стандардите на Меѓународната федерација на Црвен крст, еден хуманитарен пакет содржи основни прехрамбени производи доволни за едномесечно прехранување на четиричлено семејство.
Претседателот на Црвен Крст, Сашо Точко истакна дека чувството за солидарност кај охриѓани од година во година расте.
„Овие акции ги организираме току со таа цел да го побудиме хуманиот дел, да го поттикне чувството на солидарност , на хумана димензија кај луѓето. Општествената одговорност кај фирмите секоја година е се поголема “– вели Точков.
Општината Охрид во рамки на своите можности редовно се вклучува во хуманитарните акции на Црвен Крст меѓу кои, акцијата за посреќно детство, спортско рекреативна акција, крводарителски акции, „Охрид од срце за Србија и Босна“. Во рамки на социјалната политика општина Охрид реализира низа проекти меѓу кои проект за стимулирање на наталитетот во Охрид. Проект за субвенционирање на дел од комуналните трошоци на семејствата од социјален ризик, потоа тука е доделувањето стипендии за талентирани ученици и студенти, бесплатните курсеви по странски јазици и информатика , помош на семејствата чии куќи биле опожарени или поплавени и многу други проекти.